Спортско-забавниот летен камп за деца „Шарено лето“ и годинава, во организација на хуманитарната невладината организација „Среќа“ ќе израдува многу дечиња чии родители не се во можност да им овозможат летување на своите момчиња и девојчиња.

– Проектот „Шарено лето“ е поддржан од скопската општина Центар како и од неколку компании со големо срце. Во две смени, од 10 до 16 и од 16 до 22 август, во хотелите „Лоџ“ и „Бистра“ во Маврово, и годинава создаваме незаборавни летни шарени спомени. На децата им нудиме одмор, забава, спорт и многу музика. За децата се грижат стручен тим од воспитувачи и еден лекар – вели пејачката Кристина Арнаудова, која е иницијаторка за оваа и многу други хумани акции, кои се дел од активностите на проектот „Среќа“.

Досега дечињата во Маврово, откако се запознаа, ја истражуваа прекрасната природа и подготвени се за нови авантури. Тука се и пливањето во базен, спортските игри и вечерните забави.
Во секоја смена има и специјални гости на кампот, а прв беше Војо, кој е експерт за рептили. Тој ги донесе своите миленици и ги запозна децата со нив, а потоа им одржа и интересно едукативно предавање.