Mора да се најдат механизми што ќе овозможат обнова на бројноста на говедата, овците и пилињата што се одгледуваат во нашата земја и што првенствено ќе се користат за задоволување на домашните потреби за месо и месни производи. Доста е „од бразилски и полски пилешки крилца и копани“, време е овој тип производи да ги произведуваме ние и да добијат македонско сонце како свој предзнак
Политиката, разните политички расправии меѓу власта и опозицијата, меѓу различни опозициски претставници или, пак, меѓу владините коалиции се постојано актуелни и секојдневно ги окупираат домашните информативни програми, но ретко кој од нив се осврнува на континуираното влошување на состојбите во аграрот. Нема година кога нема протести организирани од земјоделци. Револтирани од ниските откупни цени или, пак, од немањето никаков откуп, земјоделците од цела земја бараат поддршка или решение од државата. Една година се истураат праски, друга година јаболка, а годинава на удар се повторно тутунарите, кои неколку години беа помирни благодарение на однапред договорениот откуп. Сепак, состојба во тутунскиот сектор годинава повторно ескалира со големо незадоволство меѓу тутунарите, кои дури одбиваат да го предадат тутунот по понудените цени.
Но проблемите во земјоделскиот сектор се многубројни и долгогодишни, а мерките што се преземаат за санирање на состојбите само делумно ги ублажуваат. Сведоци сме дека низ маркетите, но и на домашните трпези сѐ повеќе јадеме увозна храна. Домашните потреби за месо доминантно се задоволуваат од увоз, исклучок е само свинското месо, кое успешно се спротивставува на тенденцијата на редуцирање на домашните производители. Јагнешкото месо иако го има, голем дел завршува на трпезите на граѓаните во Унијата, а дома најчесто се пече за велигденските празници.
Но не е само месото дефицитарно. Купуваме домашен грав увезен од Пакистан, ориз со потекло од Кина, но и домашна салца со домати од Турција… Многубројни примери на контрадикторности. Земјоделска земја чии граѓани јадат туѓи земјоделски продукти, а домашните завршуваат на депонија или расфрлани низ улиците.
Илјадници евра се одлеваат секоја година само за увоз на храна, но не смееме да заборавиме дека истовремено се извезуваат големи количества, сепак, многу поголема е вредноста на она што се увезува отколку на извозните продукти.
Уште еден сигнал што мора да го имаат на ум сите наши избраници, особено оние поставени на раководни функции, се разните рестриктивни мерки, но и проблеми со кои се соочија голем број држави по избувнувањето на пандемијата. Затворените граници и долгите колони пред границите се појавија речиси на секоја граница минатата година, а сликата се повторува и оваа година. Поради ограничувањето на работното време, но и поради тестирањето на превозниците, колони камиони повторно се редат пред границата со Грција… Иако овој проблем бара дополнително елаборирање, сепак, тој мора да се има предвид и кога станува збор за прехраната на домашното население. Голем дел од продуктите што ги користиме во секојдневието доаѓа од пристаништето во Солун, а тоа сега ни се оддалечува поради пандемијата…
Причина плус за подобрување на земјоделскиот сектор се потенцијалите на секторот, од каде што со доработки и преработки може да излезат многу нови производи, кои би се продавале и извезувале со зголемена вредност. Потврда за ова е и ланската успешна година токму за преработувачите на сезонско овошје и зеленчук, кои во пандемиска година успеаја да го зголемат својот извоз и да обезбедат зголемен прилив на средства.
Како земја со изобилство на сонце и други предиспозиции за производство на квалитетни и вкусни домати, краставици, зелка, пиперки, компири, праски, грозје, лубеници… и разни други производи мора да се стремиме кон развој на секторот и поттикнување на земјоделците да го подобрат и зголемат обемот на производство. Неопходно е заедничко дејствување на сите за надминување на проблемите и за подобар пласман на домашните продукти, па дури и фаворизирањето на нашите производи е неопходно, а притоа солидна заработка да имаат самите производители, а не таа да оди кај трговците. Потребно е воспоставување директна врска меѓу производителите и преработувачите, со намера колку што може поголем дел од свежите продукти да се опфати во производствен процес, со кој ќе им се зголеми вредноста и ќе се продолжи трајноста на нашите производи.
Но покрај сево ова, мора да се најдат и механизми што ќе овозможат обнова на бројноста на говедата, овците и пилињата што се одгледуваат во нашата земја и што ќе се користат за задоволување на домашните потреби за месо и месни производи. Доста е од „бразилски и полски пилешки крилца и копани“, време е овој тип производи да ги произведуваме ние и да добијат македонско сонце како свој предзнак.
Факт е дека годишно се издвојуваат огромни суми средства од буџетот што се насочени кон поддршка на земјоделците и кон поттикнување на домашното производство, и таа поддршка мора да продолжи, но крајно време е да се креираат мерки и проекти со чија реализација ќе се овозможи поддршката да се канализира на тој начин што ќе создаде поголемо производство и ќе овозможи задоволство кај земјоделците, кои бараат реални откупни цени. Долгорочна стратегија што ќе прецизира како да го зголемиме домашното производство, која ќе овозможи подобра соработка меѓу производителите и трговците, обнова на домашното производство на сточна храна и други увозни ѓубрива што се користат во земјоделството, но кои сега се увезуваат и кои се сериозен трошок во земјоделството.
Секторот има големи потенцијали, време е да ги користиме пред сѐ за доброто на сите нас, а потоа и да ги искористиме тие потенцијали за раст на извозот и за поголем девизен прилив во земјава.