И во последниот месец на годината што ја испраќаме, главни теми во нашата земја покрај пандемијaта се зголемената сиромаштија, рецесијата на економијата, но и бугарското вето што го блокираше почетокот на преговарачкиот процес на Македонија за влез во Европската Унија. За ова последното не би коментирал во колумнава само ќе напоменам дека сум за влез во европската заедница, но без никакви притисоци, уцени и отстапки, особено кога се во прашање нашите национални посебности, идентитетот, македонскиот јазик, историјата и културата во пошироката смисла на зборот. Историските факти нам повозрасните ни се многу добро познати.
Во нашата земја пандемијата на ковид-19 сѐ уште не стивнува. Забележани се голем процент заболени лица и голема смртност. Од почетокот на пандемијата досега се евидентирани околу 2.500 починати, по што, според процентот на милион жители, сме први во регионот и шести во Европа. За ублажување и решавање на проблемот надежта е во набавка на безбедни вакцини против коронавирусот. Се планира да се набават доволно број вакцини, а масовното вакцинирање да почне што е можно побргу. Се планира да се вакцинираат од 60 до 70 отсто од населението, колку што е потребно за да се стекне потребниот имунитет. За да се избегне ширење на вирусот, од 18 декември до 20 јануари во сила стапија новите рестриктивни мерки.
Забранет е пречек на Нова година на плоштади и масовни собири на Божиќ, Василица и Водици, како и поголеми групирања во викендичките и становите. Според оваа владина одлука, во наведениот период угостителските објекти можат да работат заклучно до 18 часот, односно три часа помалку од досега. Остана во сила и забраната надвор да можат да се дружат најмногу четири лица задолжително со заштитни маски, додека во објектите нивниот максимален број не треба да биде повеќе од 30 проценти од капацитетот. Од сево ова повторно е погодено угостителството. Државата ќе мора да води повеќе грижа за овој значаен сектор и навремено да обезбеди нови средства за надомест на новата предизвикана штета од коронавирусот, во спротивно ќе дојде до затворање на повеќе угостителски објекти во кои има голем број вработени. Со државна помош се очекува да се придонесе за закрепнување на вкупната економија, која во нашата земја е во рецесија. Стопанствениците бараат и ослободување од непотребни трошоци за увозните и за извозните давачки. Посебна грижа треба да се посвети и за зачувување на занаетчиството и на малите приватни фирми за лични услуги, кои во целиот период на корона-кризата имаат дополнителни трошоци што негативно влијае и на нивното опстојувањето и на нивните семејства.
Сиромаштијата кај нас е повеќе од загрижувачка, бидејќи и официјално Македонија е трета најсиромашна земја во Европа, пред нас се само Албанија и Босна и Херцеговина. Се проценува дека во нашата земја има околу половина милион лица што се во незавидна ситуација предизвикана од проблемите на сиромаштијата и од последиците на корона-кризата.
За извесно ублажување на оваа состојба, законодавниот дом веќе ги усвои законите од четвртиот пакет мерки. Со нив околу 180.000 пензионери што имаат пензија до 15.000 денари и 85.000 пасивни баратели на работа, ќе добијат првпат еднократна помош по 6.000 денари, кои треба да ги потрошат за купување домашни производи. Ваква помош ќе добијат и други ранливи категории граѓани, како што се самохрани родители, деца без родители, филмски работници и уметници и други. Проблемите со сиромаштијата често ги анализирав во моите колумни објавени во весникот „Нова Македонија“, а за тоа имам аналитички пристап и во мојата најнова публицистичка книга „Согледувања и нови видици“, подготвена за време на пандемијата. Констатирано е дека годинава кај сите семејства за набавка на заштитни средства од коронавирусот трошоците на животот значително им се зголемени. Лекувањето во домашни услови е скапо, а да не зборуваме за терапиите во приватните болници. Токму поради тоа се наметнува потребата на сите нив да им се надоместат трошоците, како што е пример во другите земји. Од хумана гледна точка е потребно на семејствата на починатите од коронавирусот да им се покријат и погребните трошоци, на оние што незаконски платиле скапи лимени сандаци и слично.
Во центарот на вниманието е и буџетот за 2021 година. Во своето излагање, владиниот ресорен министер истакна дека за првото полугодие не се планира зголемување на платите и пензиите. Како да се заборава дека во минатите две години пензиите не го следеа зголемувањето на платите. Тоа беше и како резултат на претходните измени на Законот за ПИО со кои усогласувањето на пензиите се остварува само според процентот на животните трошоци. Затоа се бараше да се врати законската одредба усогласувањето да се врши по две основи со по 50 отсто од процентот на зголемувањето на животните трошоци и од платите. Во тој контекст, пред неколку месеци се заложи и раководството на СЗПМ. Меѓутоа измените на спорната одредба од Законот на ПИО изостана. Со тоа и претстојното првојануарско усогласување на пензиите ќе биде незадоволително, бидејќи сите анализи покажуваат дека стапката на инфлацијата за 2020 година ќе изнесува само околу 1 отсто. Поради сето тоа се смета дека во услови на зголемени трошоци поради корона-кризата треба да се размислува за ново линеарно зголемување на пензиите по 1.000 денари. Македонија, пред сѐ, е социјална држава така што треба да се настојува и за бесплатно здравство, за зголемување на хуманоста, на човечноста, солидарноста и соживотот. Тоа ќе ги забрза и македонските перспективи кон евроинтеграцијата.
Во тие рамки треба да се остварат и реформи во судството за поголема судска правда, за поцелосно сузбивање на корупцијата, како и на партиски заплашувања со истраги без основа и местенки што ја зголемува недоверба кон судските и истражните органи. Крајно време е и во нашата земја да се воведе бесплатна правна помош за граѓани кофинансирана од Европската Унија и од Советот на Европа. На тој начин ќе се овозможува на сиромашните лица да им бидат платени сите трошоци во суските постапки. Со тоа и правдата ќе биде достапна за сите за да се чувствуваат посигурни во секојдневието.
Да се надеваме дека по неколку месеци во светот и кај нас на пандемијата ќе ѝ се каже збогум засекогаш и дека никогаш нема да се повтори, а за сите жители да се вратат нормални услови за живот.
(Авторот е новинар и публицист, експерт за трета доба.)