Да се спречи говорот на омраза, да градиме пријателство и во тој дух, врз основа на потпишаниот договор треба да направие чекори од таблите да се отстрани бугарски фашистички окупатор. Не треба да фрламе петно на целиот бугарски народ. Така е решено меѓу Германија и Франција, градејќи го духот на ЕУ. Остануваме европејци. Почитувајќи ја нашата историја ја градиме сегашноста за да имаме иднина, изјави во Прилеп премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за промената на таблите на спомениците.

Премиерот Заев, кој дојде во Прилеп попладнево за да го види реконструираниот булевар „Гоце Делчев“ истакна дека Прилеп е град на востанието, на непокорот, град каде пукнала првата пушка и тоа ќе се слави.

– Тоа е македонско историско минато на кое сме горди. Преку него се граделе генерации, историја, и охрабрувајќи се да влечеме чекори за европеизација на нашата земја. Во тоа светло не смееме фашизмот етнички да го одбележиме или пак на цела нација да го наметнеме. Во тој дух, тоа што го разговараме да се реализира – рече Заев во Прилеп, кој заедно со градоначалникот Илија Јованоски прошета по реконструираниот булевар и запали свеќа пред параклисот Св. Никола, по повод патрониот празник на градот.

Воедно, премиерот најави дека следната година во Прилеп ќе бидат инвестирани пари за театар, за кејот „Први мај“, за проектот за реконструкција на водоводен цевковод, за водоснабдување на манастирот Трескавец, како и патот Прилеп-Битола.

Ка.М.