Да расчистиме нешто на самиот почеток. За мене фудбалот е светиња. Јас го доживувам како дар од Бога. Тоа е совршена игра. Многумина велат, фудбалот не е веќе тоа што беше, фудбалот е извалкан. Пред сè преку парите и оние што владеат со нив. Фудбалските организации, агентите, корпорациите. Но играта не е извалкана. Талентот на фудбалерите не е извалкан. Сè уште тоа е прекрасна игра. Но ова не е колумна за фудбал. Иако ќе биде споменуван.
Лига на шампиони. Вторник, навечер. Натпревар, Париз Сен-Жермен против Истанбул Башакшеќир. Се случи нешто што не сме го виделе досега. Барем не од официјални лица на УЕФА. Четвртиот судија, Романецот Себастијан Колетску, го нарече „црнец“, заменик-тренерот на Башакшеќир, некогашната ѕвезда Пјер Вебо. Укажувајќи му на главниот судија да го казни со жолт картон поради приговор, рече „оној црнецот“. Натпреварот беше прекинат поради расистички испад, откако жестоко реагираше Демба Ба. Навистина, вакво нешто не сме виделе досега кога станува збор за судии. Навикнати сме расизмот да доаѓа од трибините. На пример, кога играат Бугарија и Англија среде Софија, па половина стадион испушта мајмунски крикови ако топката е кај англиските црномурести играчи, додека со раката ја отпоздравуваат администрацијата на Адолф Хитлер.
Поранешниот англиски репрезентативец Мика Ричардс, црнец по бојата на кожата, изјави дека Демба Ба претерал, а однесувањето на романскиот судија не го смета за расистичко. „Оној црнецот“ за Ричардс е описна реченица. „Ако некој влезе во просторија“, вели Мика, „и покаже на мене, велејќи овој црнец, ќе го сметам за опис, не за расизам.“ Тоа го тврдеше и Колетску, дека не е расист, затоа што во романскиот јазик зборот „негру“ не е навредлив. Се согласувам. Не верувам дека Романецот е расист. Знам дека зборот „негру“ во романскиот јазик не е навредлив збор. На руски, црнец се нарекува негер. И на многу други јазици. Но тоа не е поентата.
Романецот можеби не е расист, ама сигурно е непрофесионален. И најверојатно глуп. Јас не можам поинаку да ја протолкувам оваа негова будалаштина. Да си цел живот во фудбалот и да не му го знаеш името на Пјер Вебо, навистина е за чудење. Непрофесионално и невоспитано е. Тоа е исто како да си режисер и да сакаш да ти глуми во филм „оној смешниот црнец“.
Крис Рок се вика, кретену!
Толку за нефудбалските случувања од Лигата на шампионите. Сега она што мене ме нервира. Она што е толку очигледно, ама џабе ум и очи. Оти оваа антирасистичка хистерија е одвратна и лицемерна. И во својата суштина не е антирасистичка. Вклучувајќи го и она клечење на фудбалерите во Премиер-лигата пред почетокот на секој натпревар, во чест на „Блек лајвс медер“. Самото движење „Блек лајвс медер“ е уште полицемерно. И расистичко, секако.
Ми се гади од обидот на светската изопачена моќ, хистеричните неолиберали и глобалисти, елитата, фашизоидните мејнстрим-медиуми и разните светски организации да ни наметнат колективна вина. Демек, сите ние припадници на белата раса сме виновни за злосторствата врз црнците. Тоа што изопачените припадници на западната европска цивилизација ја окупираа Африка, извршија геноцид и ги запоседнаа двете Америки, па си донесоа црни робови, не е нивно лично злосторство, туку на сите нас. Тие до вчера имаа зоолошки градини за црнци, ама сите треба да го носиме нивниот срам. И денес, неолибералите и глобалистите, како директни потомци на колонизаторите, расистите и робовладетелите, сакаат спинувајќи ја вистината да наметнат колективна вина. И тоа лесно им поминува кај многумина луѓе, кои одамна заборавиле, во име на конформизмот, да го вклучат умот. Кај мене не им проаѓа.
Јас како албино, по нивната изопачена логика, треба сите црнци да ги обвинам за расизам. Затоа што албината се најмногубројни во Африка. Најмногу ги има во Танзанија. Најголемиот број албина се убиени на Црниот Континент. Ги сечат на парчиња со мачети. Затоа што веруваат дека парче од албино ќе им донесе среќа. И сега, по нивнава логика за колективна вина, јас треба сите црнци да ги гледам како монструми. Такво нешто никогаш не би помислил во срцето.
Сето ова инструирано лицемерство доведе до дузина идиотштини на кои секојдневно сме сведоци. Афроамериканка физички нападна белец, заради тоа што има „суканици“ на косата. Тоа било африканска традиција и тој не смеел да ја краде. Американска конгресменка од редот на демократите бара да се забрани карфиолот. Го донеле колонизаторите. Тоа ги вознемирувало Афроамериканците. Конгресменката со хиспанско презиме заборава што направија нејзините предци со домородците. Можеби и оние кутри луѓе по резервати ги вознемирува нејзиното лице. Некоја невладина организација бара да се променат шаховските правила. Или да го забранат. Затоа што во шахот први почнуваат белите фигури, а тоа било расизам. Кретените од Антифа го урнаа споменикот на генерал Улисис С. Грант. Инаку најголемиот непријател на „Кју клукс клан“. Би-би-си забранува епизоди од „Фаличен пансион“. Но тоа не е најстрашното.
Лажната антирасистичка хистерија е лицемерна. Тоа е обичен манипулативен и гаден проект. Ги заболе нив за црнците. Со овие фашистичко хистерични испади само го оттргнуваат вниманието од реалните проблеми. Проблеми што тие, изопачената моќ, ги создаваат. Прават голема претстава, спектакл, глумат загриженост и солидарност. Нивното лицемерство е главната канцеларија на пеколот овде на Земјата. Тие сè уште ја поседуваат Африка. За нив црниот човек сè уште е роб. Нивните дупчалки за гас, платформи и фабрики насекаде се низ Африка. Овие нивни зданија се сместени во мали богати гратчиња само за вработените од моќните компании.
Додека долу во градовите нема струја, вода, канализација и храна. Тие сè уште ги поседуваат африканските рудници за злато и дијаманти. Во нив, за корка леб работат и возрасни и деца. Африканската почва раѓа четири пати годишно. Ама Африканците умираат од глад и жед. Моќта им прави хуманитарни концерти. И ги тера фудбалерите да клечат затоа што и црните животи били битни. За нив Африка е голема лабораторија за експерименти. Таму нивната фармација тестира. Таму и нивната воена индустрија тестира. Додека околу нив насекаде е глад и смрт. Ете, толку им е гајле за црниот човек. О, да, тие сè уште уринираат врз колибата на чичко Том. Само што сега над неа ставиле неонска реклама на која пишува СТОП ЗА РАСИЗМОТ.