По изјавата на министерката за образование и наука дека десетици илјади ученици немаат интернет или ИТ-уред да следат онлајн настава, градоначалниците почнаа да бараат решение со обезбедување донации од фирми. По една недела од почетокот на учебната година, сликата со обезбедени лаптопи и таблети за децата е различна. „Нова Македонија“ праша во неколку општини дали ја дочекале учебната година подготвени од технички аспект. Некои од градоначалниците признаваат дека требало порано да обезбедат сѐ што е потребно, но се надевале дека наставата ќе се одвива со физичко присуство. Бидејќи јавните набавки одземаат многу време, општинарите обезбедуваат уреди преку донации.
– Веќе преговаравме со рудникот „Саса“ и за неколку дена ќе добиеме 200 таблети. Уредите ќе ги добијат семејства што имаат приходи до 20.000 денари месечно. Вината можеби е наша затоа што ги чекавме препораките од здравствената комисија и ние, малите општини, се надевавме дека оваа учебна година ќе почне со настава со физичко присуство, но во меѓувреме состојбата со пандемијата се влоши и ние требаше да го земеме предвид тоа. Конфигурацијата на нашата општина е таква во руралниот дел во најоддалечените села што една куќа е на еден рид, друга на друг, па имаме тешкотии со мрежата и со интернетот и затоа правиме напори со операторите да го решиме тоа. Освен за учениците, набавивме и 70 лаптопи за наставниците – вели Соња Стаменкова, градоначалничката на Македонска Каменица.
Во општината Кавадарци немаат вакви проблеми бидејќи навреме ги решиле.
– Напорно работевме со сите директори на училиштата за сега да немаме главоболки дека некое дете не може да следи онлајн настава. Таму каде што немаше добар интернет го подобривме, баравме помош од фирми, кои донираа 300 компјутери.
Имавме 30 дечиња пријавени за интернет и компјутери – вели Митко Јанчев, градоначалникот на Општина Кавадарци.
И децата и наставниците во Лозово подготвено ја дочекаа учебната година. Сите деца имаат компјутери, лаптопи или таблети. Како што кажа Горан Велков, директорот на „Методи Митевски-Брицо“, зајакната е и интернет-мрежата.
Во Општина Могила кратко ни рекоа дека сите деца имаат можност да ја следат наставата онлајн. Технички проблеми нема ниту во Делчево. Градоначалникот Горан Трајковски вели дека во подрачните училишта се учи со физичко присуство, а во централните – онлајн.
Настава со физичко присуство за децата со оштетен слух, говор и глас
Само некои од децата со оштетен слух, говор, глас и проблеми во развојот можат да следат онлајн настава, додека другите поради користењето специфични методи во наставата мора да се физички присутни, а на тој начин да им се олеснува и комуникацијата. Учениците од средното стручно образование за лица со оштетен слух „Партенија Зографски“ од Скопје одат на училиште. За разлика од нив, основците во заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ во Битола, покрај физички, настава следат и онлајн.
– Користиме знаковен јазик, дактилни методи и читање говор од уста, па оттаму имаме потреба од настава со физичко присуство. Располагаме со обемен простор за 34 деца, а часовите ги реализираме со три-четири деца. Пред часот се вадат маските од уста и се ставаат визири, кои се носат во текот на часот, а бидејќи се провидни, полесно се разбира нашата комуникација – објаснува Милисав Јовановски, директор на „Партенија Зографски“.
Во заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ во Битола настава следат вкупно 81 ученик. Директорката Валентина Стојкоска вели дека 58 ученици следат настава со физичко присуство, а другите онлајн.