ПРИЛЕП

Општина Прилеп почна да го уредува просторот околу Прилепско Езеро. Проектот за уредување „Прилепско Езеро – нови авантури, нови можности“, според градоначалникот Илија Јованоски, треба да биде завршен за три месеци.
Со ова ќе се подобри и унапреди областа околу езерото, а ќе се придонесе за промоција на ова атрактивно излетничко место за прилепчани.
– За проектот ќе бидат вложени 50 милиони денари, од кои шест милиони се од општината, а остатокот се од ЕУ, бидејќи аплициравме преку Светската банка.

Во тек е изградбата на патека, потоа ќе се градат паркинг-простор и две спортски игралишта – едно кошаркарско, во чија близина ќе има и пингпонг-маси, и едно одбојкарско игралиште. Во средината ќе има мултимедијален простор со летниковци и клупи за седење и платформа за настани – вели Јованоски.
Спортско-рекреативниот комплекс е на шест километри од градот, па со изградба на планираните содржини, се очекува просторот да биде најпосетувана локација.