„Да фајв бладс“ е воена драма, во режија и продукција на Спајк Ли, заедно со Џон Килик, Беатриз Левин и Лојд Левин, според сценарио на Спајк Ли, Дени Билсон, Пол де Мео и Кевин Вилмот. Иако на почетокот публиката добива впечаток дека станува збор за уште еден филм за Виетнамската војна, набрзо станува јасно дека „Да фајв бладс“ е многу повеќе од тоа
Последниот филм на Спајк Ли, „Да фајв бладс“, премиерно се прикажа на Нетфликс во јуни годинава, непосредно по убиството на Џорџ Флојд, кое предизвика масовни протести против расната дискриминација, не само во САД туку и во остатокот од светот. Филмот веднаш привлече особено големо внимание, а интересот за него повторно се враќа кај филмските љубители, имајќи предвид дека една од улогите му е доделена на прерано починатиот Чедвик Боузман, познат по улогите во филмовите „Црниот пантер“, „Одмаздници“, „Маршал“ и др.
„Да фајв бладс“ е воена драма, во режија и продукција на Спајк Ли, заедно со Џон Килик, Беатриз Левин и Лојд Левин, според сценарио на Спајк Ли, Дени Билсон, Пол де Мео и Кевин Вилмот. Иако на почетокот публиката добива впечаток дека станува збор за уште еден филм за Виетнамската војна, набрзо станува јасно дека „Да фајв бладс“ е многу повеќе од тоа. Преку неверојатно тежок, емотивен и слоевит приказ, гледачот го учи минатото на група стари ветерани од војната во Виетнам, а преку него ја разбира и нивната сегашност.
За време на војната, бандата „Бладс“, која се состои од лидерот Норман, Пол, Отис, Еди и Мелвин, се обидува да заштити урнат авион на ЦИА и да го врати неговиот сеф со блокови злато. Но во битката што се одвива, Норман го губи својот живот, а експлозија го уништува целиот предел, закопувајќи ги деловите од авионот. Години подоцна, по известувањето дека опашката на авионот повторно е откриена, Пол, Отис, Еди и Мелвин се враќаат во Виетнам, со надеж дека ќе ги пронајдат златото и телото на Норман, но нештата почнуваат да се одвиваат во непосакувана насока.
Прикажувајќи ни две снимки од говори на Мухамед Али и Мартин Лутер Кинг на самиот почеток на филмот, Спајк Ли ни го истакнува контрастот помеѓу нивните ставови, повлекувајќи паралела со ликовите на Пол и Норман – симболи за „борбеност“ и „мирољубие“, теми што континуирано се провлекуваaт низ филмот и непрекинато ги раздвојуваaт и оние што дотогаш се бореле за да останат цврсто едни со други. Измачувани од посттрауматско стресно нарушување и „духови“, ликовите влегуваат од една во друга хаотична ситуација, а Спајк Ли не нѐ поштедува ниту од шокантни, брутално крвави сцени.
„Да фајв бладс“ во основа е филм за Црнците и нивното место во текот на историската борба за еднаквост, додека се целосно заземјувани во нивното чувство на припадност и односи. Но овој пат Спајк Ли го прави тоа поинаку, користејќи ја Виетнамската војна како темел, војна во која Црнците биле присилно испратени да убиваат нација што никогаш лично не ги нападнала и да се борат за нацијата што упорно ги линчува. Преку споредбата на ликовите и нивните постапки и ставови со оние на Али и Лутер Кинг, како и преку наизменично инкорпорирање современи политички и расни теми, гледачот јасно сфаќа колкав дел од филмот всушност ѝ припаѓа на Виетнамската војна, а колкав дел на човештвото, човечката алчност и меѓучовечките врски, кои во овој филм се одлично мапирани преку феноменално исткајани карактери.
Спајк Ли се одлучува и на интересен потег – игра со четири различни формати на екрани, од кои секој има свое значење и илустрира одреден временски период. Фантастично снимен и изрежиран, „Да фајв бладс“ беше одлично оценет од филмските критичари и публиката, а актерската екипа, која ја сочинуваат Делрој Линдо, Џонатан Мејорс, Кларк Питерс, Џони Три Уен, Норма Луис, Мелани Тиери, Пол Волтер Хаузер, Жан Рено и Чадвик Боузман, е само дополнителна причина да се погледне овој филм.