Малата слика на уморен и меланхоличен старец одамна е отфрлена како лажна и преместена во подрум, но деновиве е потврдено дека доаѓа од работилницата на Рембрант, а можеби и од самиот уметник.
Музејот „Ашмолијан“ во Оксфорд оваа недела ќе ја изложи „Главата на брадестиот човек“, која датира од околу 1630 година. Во 1981 година, таа беше отфрлена поради недокажаното авторство од страна на Рембрантскиот истражувачки проект, кој важи за водечки светски авторитет за овој уметник.
– Тие ја видоа во живо и проценија дека не станува збор за слика на Рембрант. Рекоа дека тоа може да биде имитаторска слика во стилот на Рембрант и, веројатно, е изработена пред крајот на 17 век, па дури ни во текот на животот на Рембрант – вели кустоската за северноевропска уметност од „Ашмолијан“, Ан ван Камп.
Тогаш одговорните куратори го преместија портретот во подрумот на музејот. Ван Камп се приклучи на музејот во 2015 година и дозна за сликата со димензии на разгледница за која никој не сакаше да зборува затоа што се сметаше за „лажен Рембрант“.

Наскоро од Ван Камп беше побарано да помогне во организирањето на голема изложба „Младиот Рембрант“, која беше отворена во музејот во февруари пред да се затвори во март. Ван Камп отсекогаш верувала дека панелот можеби не е лажен.
– Тоа е она што го прави Рембрант. Тој ги прави овие ситни студии на глави на стари мажи со меланхоличен, замислен изглед. Тоа е многу типично за она што го прави Рембрант во Лајден, околу 1630 година – вели таа.
Панелот беше анализиран од Питер Клајн, еден од водечките светски дендрохронолози и беше утврдено дека дрвениот панел потекнува од истото дрво што било користено за сликата „Андромеда окована во карпите“ на Рембрант, која се наоѓа во музејот „Маурицхајс“ во Хаг и „Портретот на мајката на Рембрант“ од Јан Ливенс, која е во „Статлихе Кунстаммлунген“ во Дрезден, Германија.

Двете дела биле насликани во периодот околу 1630 година кога уметниците, пријатели од детството, работеле во Лајден во Холандија. Клајн открива дека дрвената плоча потекнува од даб, исечен во балтичкиот регион помеѓу 1618 и 1628 година.
– И да додадеме минимум две години за сушење на дрвото, можеме цврсто да го датираме портретот. Тоа е 1620-1630 година – вели Клајн.
Ван Камп, пак, додава дека целото истражување покажува дека панелот сигурно потекнува од работилницата на Рембрант. Следуваат дополнителни истраги за да се утврди дали има докази дека станува збор за дело на Рембрант.
Изложбата „Млад Рембрант“ во „Ашмолијан“ повторно се отвори на 10 август.