Со зголемување на бројот на нови случаи на коронавирусот, американската сојузна држава Хаваи се подготвува да биде домаќин на „Римпак“, најголемите меѓународни поморски воени вежби во светот
Автор: Џон Летман
Гардијан
Во годината кога коронавирусот предизвика меѓунационалните воени вежби да се изведат виртуелно или да се откажат, најголемите меѓународни поморски воени вежби во светот ќе се одржат на Хаваи следната недела. Воените вежби во Пацифичкиот појас („Римпак“), кои ќе се одвиваат на крајот на август, доаѓаат во време кога Хаваи се бори да го спречи ширењето на коронавирусот во рамки на највисоката стапка на зараза во САД.
Критичарите на воените вежби со години протестираат против „Римпак“, повикувајќи се на деградација на животната средина, зголемената сексуална експлоатација за време на „слободните“ посети на војската, непосакуваната милитаризација на домородното земјиште, вода и воздух, а сега и на стравот од ширење на ковид-19.
Во март, членови на коалицијата за откажување на „Римпак“ напишаа: „куршумите и бомбите не го убиваат вирусот“. Минатата недела во Хонолулу, иако испловија воени бродови за Хаваи, членови на коалицијата доставија петиција со над 12.000 потписи, во која бараа гувернерот на Хаваи, Дејвид Иџеј да ги откаже воените вежби. Откако Иџеј, кој е поддржувач на „Римпак“, веќе побара нивно одложување во април, воените вежби беа презакажани за август. Тогаш, многумина очекуваа дека вирусот ќе исчезне до крајот на летото, но бројот на Хаваи нагло порасна од помалку од 1.000 случаи на почетокот на јули до речиси 4.000 во првата половина на август.
Случаите на коронавирус во неколку објекти во базите на најнаселениот хавајски остров Оаху предизвикуваат загриженост за „Римпак“. Стравовите се пренесоа и на Тајланд, кој е партнер на „Римпак“, откако девет тајландски војници беа позитивни на вирусот откако се вратија по тринеделните заеднички воени вежби на Оаху во јули. Појавата на вирусот го натера Тајланд да ги одложи понатамошните заеднички воени вежби.
Во 2018 година, на „Римпак“ учествуваа 25.000 војници од 25 држави во воените вежби кои траеја повеќе од еден месец, но оваа година ќе траат само 15 дена и тоа „само на море“. „Римпак“ настана во 1971 година, како заеднички воени вежби меѓу Австралија, Канада и САД. Во изминатите години, вежбите кои се одржуваат на секои две години вклучија држави од азиско-пацифичкиот регион и надвор од него. Оваа година, Јужна Кореја, Јапонија, Нов Зеланд, Филипини и други држави ќе им се приклучат на трите земји-основачки во она што американската морнарица го нарекува „вежби за градење клучни капацитети“ што го зајакнува партнерството и координацијата меѓу воените сили. Партнерските нации како Мексико, Чиле, Велика Британија, Холандија, Израел и други, оваа година нема да учествуваат. Кина, која учествуваше во 2016 година, повеќе не добива покани.
За разлика од претходните воени вежби, оваа година нема да има амфибиски напади, урбани битки или снајперски обуки, копнено лансирана артилерија, проектили или ракети. За да се намали ризикот од пренесување, поморскиот кадар на „Римпак“ нема да има физички контакт со други пловни објекти. Бродовите ќе бидат стационирани во заедничката база „Перл Харбор-Хикам“ само за логистика и ресурси. Социјалните и културните настани, саемот за воени иновации и други „слободни“ привилегии на копно се укинати. Секоја партнерска држава е одговорна за сопствениот план за справување и одговор на коронавирусот. Во случај на ширење на заразата, заразениот воен кадар ќе се лекува во локалната воена болница на Хаваи.
Покрај уверувањата на морнарицата, стравовите сепак постојат и се поттикнати од ширењето на коронавирусот на воениот брод „Теодор Рузвелт“ на кој се заразија 1.150 лица, од кои едно почина, а илјадници морнари се во карантин во цивилни хотели на американската територија на Гвам. Во Окинава, откако се појавија видео-снимки како големи групи на луѓе се забавувале на Денот на независноста на САД, најмалку 225 американски маринци биле тестирани позитивни на ковид-19 што предизвика гнев кај локалното население и ново ширење на заразата. Случаите на ковид-19 во другите американски бази и поморски бродови предизвика загриженост за ширење на заразата кај војската како во случајот на пандемијата на грип од 1918 година.
Покрај коронавиурост, „Римпак“ има голема поддршка кај политичарите и бизнисмените од Хаваи. Оваа година, „Римпак“ најверојатно нема да донесе приход од 50 милиони долари кои претходната година беа инкасирани во хавајската економија, но во време кога приходите во туризмот значително се намалија, некои ќе заработат од обезбедувањето на храна, гориво и одржувањето на бродовите. Сепак, други ќе се соочат со недостигот на слободен тек на парите. Но на Хаваи, каде што силното воено присуство, тестирањето на оружја и воените вежби се широко прифатени како нормална појава во секојдневниот живот и се клучен економски двигател, концептот за демилитаризација на Пацификот е непознат за многумина.
Превод: Билјана Здравковска