Швајцарија работи на издавање „пасоши за имунитет“ за да им овозможи на луѓето што веќе не се во опасност да се заразат со вирусот повторно да се вратат во општеството, иако постои определена резервираност, пренесува „Тагес анцајгер“.
Планот, објавен во „Тагес анцајгер“ во вторникот, отсликува сличен план во Германија каде истражувачите се обидуваат да утврдат имунитет на коронавирусот преку тестирање за антитела. Откако ќе им бидат издадени, сопствениците на пасошите ќе можат да работат во различни индустрии, како и да се вклучат во социјалниот живот и спортот и евентуално да патуваат во странство.
Идрис Гесу од Универзитетската болница во Женева почна со истражувачки проект кој ќе користи волонтери за да го провери имунитетот кон вирусот, издавајќи им ковид-19 лична карта или пасош на оние кои се стекнале со имунитет откако го прележеле вирусот.
Пасошот исто така ќе содржи и QR код за да се подобри безбедноста, а компаниите кои работат на развој на пасошот ветија дека зачуваните податоци ќе бидат безбедни. Филип Жилет од „Сицпа“, една од компаниите кои развива пасош, изјави дека податоците ќе бидат заштитени со употреба на QR-кодови и блокчејн.
– Благодарение на нашата QR-код и блокчејн-технологијата, можеме да гарантираме интегритет и заштита на приватни податоци – рече тој.
Швајцарската федерална канцеларија за јавно здравје посочи дека доказите за имунитет може да бидат достапни до есен – дозволувајќи издавање на пасошите.
Меѓутоа, Гесу вели дека сè уште има неколку непознати за тоа како луѓето создаваат имунитет кон вирусот, што значи дека треба да се биде претпазлив за планот за пасош. Тој особено е загрижен дека сопствениците на пасоши ќе добијат дополнителни права, што може да доведе до дискриминација.
Гесу исто така вели дека ова може да поттикне некои луѓе да се заразат намерно, што ќе доведе до уште еден пик на заразата и до нови смртни случаи.
Светската здравствена организација јавно изјави дека е против издавање „пасоши за имунитет“.