Денот ми го осмислуваат книгите
Пролет е. Будење, раззеленување, планински жубори, раскрилување… Мамат парковите, повикуваат планините. А ние – дома. Принудно. Затворени од опасен а невидлив непријател, кој не одбира жртви ни по години, ни по вера, нација, богатство.
Се заштитувам од другите и нив од нас.
Како да се запре, победи ова зло? Една од мерките е ограниченото движење. Таа мерка најмногу нѐ погодува нас пензионерите. Затоа, речиси по цел ден и јас сум дома. Покрај сопругата Роза, поранешна наставничка, која, освен домашните работи, со внимание ги следи емисиите за деца на малите екрани, денот ми го осмислуваат книгите. Со нив нема самотија. Со убавина и благородни чувства ме исполнуваат Оливера Николова, Винка Саздова, Драгица Најческа, Александар Поповски, Владимир Плавевски…
Во паузите малку дневен печат, пишување, шаховски анализи. И денот летнал.
Во овие тешки и сериозни времиња, кога сме загрозени од овој смртоносен вирус, јас, и покрај сѐ, и натаму силно верувам во човекот. Ние ќе победиме, мора да победиме заради иднината. Книгите во таа битка се нашето благородно оружје, незаменливо друштво. Затоа, искрени и срдечни честитки до моето омилено „Колибри“ за објавениот избор од 60 дела за деца и млади од македонски писатели.
Деца, читајте. Така ќе станете подобри луѓе. Татковината ве чека.