Пазарниот инспекторат за три дена затворил четири угостителски објекти. Инспекторите исконтролирале 547 објекти, а исто така, забраниле употреба на 40 кафемати во три градови. Дел од нив биле поставени на бензиски пумпи, но и други локации.
– Од 6 до 8 април, во период од три дена, спроведени се 1.346 надзори. 547 надзори се од пазарниот инспекторат, каде дел се однесуваат на работата на угостителските објекти. Затворени се 4 угостителски објекти во Битола, Гостивар и Тетово. Од визуелната обиколка е констатирано дека угостителите ја почитуваат забраната за работа – информираше Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Според неа, констатирано било и дека има зголемени цени на производи, кои, пак, трговците не смееле да ги покачуваат поради забраната од Владата.
– Контролирани беа и кафематите на бензинските пумпи, но и други локации. Забранети за употреба се 40 кафемати во Скопје, Охрид и Гостивар. Се вршеа и контроли на замрзнатите цени на одредени производи, при што констатирано е дека има зголемени цени, при што е соодветно постапено и цените се вратени како на 11 март – додаде таа.