Бидејќи бројот случаи на коронавирус во светот продолжува да расте, луѓето почнуваат да трупаат резерви со храна, лекови и други битни намирници. Додека стравот од вирусот се шири побрзо од самиот вирус, производите како марамчиња за чистење и средства за дезинфекција на рацете исчезнуваат од полиците во продавниците во некои области, особено во оние каде е прогласена епидемија, пишува магазинот „Тајм“.

Некои гледаат прилика да заработат па продаваат маски и друга опрема на улиците или преку Интернет, честопати за повисоки цени. Но, има една група на луѓе кои не треба да брзаат кон маркетите за да се купат намирници, лекови или кои било други производи.

Тоа се таканаречените „препери“, односно луѓето кои веќе ги имаат обезбедено сите потребни работи за една ваква кризна ситуација, бидејќи активно се подготвуваат за катастрофи или апокалиптични сценарија. Тие се подготвени без разлика дали станува збор за терористички напади, природни катастрофи или било кои други закани. „Преперите“ се чувствуваат удобно кога имаат доволно средства за привремено да издржат бура или појава на пандемија. 

– Подготувањето во својата основа е самоиздржливост. „Препер“ е лице кое однапред презема мерки за да обезбеди економска, физичка и емоционална благосостојба на семејството за време на борбена или кризна состојба – вели Џејн, основач на групата „Пандемик Препс“, која состои 5.000 члена. 

Многумина досега ја сметаа заедницата на „препери“ за параноична. Но, во услови на криза, имањето на соодветни производи и храна при рака, почнува да делува се порационално. Извештајот од 2017 година од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) откри дека скоро половина од Американците немаат ниту основен комплет за итни случаи во нивниот дом.

 

Ејмс Хобел, основач на Школата за преживување во планина, вели дека ситуациите како коронавирусот јасно даваат на знаење дека е мудро луѓето да држат на располагање одредени количини на храна и есенцијални предмети за итни случаи. Тој вели дека овие работи се од суштинско значење, како и имањето план во случај работите да тргнат на лошо.

Тој е особено загрижен за жителите од урбаните заедници, за кои тврди дека имаат тенденција да бидат премногу зависни од градските услуги. Хобел вели дека овој тип на луѓе нема да знаат што да прават и нема да имаат многу опции доколку овие градски услуги се затворат во итен случај или за време на масовен карантин, на пример.

„Никој не е виновен, но во исто време тоа е вина на сите“, вели Хобел, тврдејќи дека повеќето луѓе немаат доволно искуство и преживувачки вештини. Според препораките на ЦДЦ еден просечен човек треба да има достапни околу четири литри вода на ден и тридневно снабдување со храна за која е потребно малку готвење или храна која нема потреба од готвење. Исто така, препорачува да се избегнува солена или зачинета храна, бидејќи таа може да ја зголеми потребата за вода за пиење.