Со дадена заклетва за ненасилство и со звуците на музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“ денеска точно напладне на плоштадот „Македонија“ во Скопје околу илјада матуранти традиционално го одигра танцот квадрил.
Матурантите од Скопје танцуваа истовремено со нивните врсници од 62 града во Босна и Херцеговина, Бугарија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Хрватска и Црна Гора.
Матурската парада почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија за првпат се одржа во 2007 година во Скопје и Охрид.
Организатори се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје, под покровителство на Град Скопје и Делегацијата на Европската унија.