Не треба да зачудува намалениот интерес кај младите за правната струка, во држава во која не функционира правото или истото тоа е предмет на политичка трговија. Во држава во која највисок обвинител, кој треба да служи како пример за почитување на законите, завршува зад решетки. Која е тогаш мотивацијата за студирање право во една ваква средина. Но слична е состојбата и на другите факултети
Во историјата на постоењето на правниот факултет „Јустинијан Први“ не се случила покатастрофална година од оваа, кога станува збор за интересот за уписи. Ако оваа високообразовна институција своевремено примаше и по 2.000 студенти, годинава, за 600 слободни места се пријавиле само 280 кандидати. Она што е интересно е и тоа што околу 4 отсто од пријавените средношколци во првиот уписен рок, си ги повлекле документите од факултетот зашто одлучиле да не студираат таму. Никогаш не била ваква ситуацијата на овој факултет, каде што пред многу години во амфитеатрите не ги собираше сите студенти, од кои многумина плаќаа школарина и по 1.000 евра за една година.
Ако прашате професор на Правниот факултет зошто е ова вака, ќе ви рече дека главна причина е што во Македонија има 22 правни факултети, а една од причините за слабиот интерес е и кампањата на Владата од пред неколку години младите да избираат и да студираат на технички факултети, наместо општествени науки.
Секако, причини и изговори за ваквата состојба може да се бараат уште многу, но не смее да се игнорира ниту фактот што токму владеењето на правото и принципите на правната држава изминативе години претрпеа најголем удар и многу често беа ставани во служба на политичките интереси. Што направи правната фела да се одбрани од овие упади и стеги? Може да се каже, многу малку, речиси ништо.
Освен разногласја или молк не видовме поизразена реакција кога во низа примери беа загрозени правната држава, Уставот и законите.
Оттаму не треба да зачудува намалениот интерес кај младите за правните струка, во држава во која не функционира правото или истото тоа е предмет на политичка трговија. Во држава во која највисок обвинител, кој треба да служи како пример за почитување на законите завршува, зад решетки. Која е тогаш мотивацијата за студирање право во една ваква средина.
Но освен на Правниот факултет, по првиот и вториот уписен рок, се забележува дека е послаб интересот за студирање и на Економскиот, Филолошкиот и на Филозофскиот факултет. Интересот е опаднат генерално на сите јавни универзитети во државата. И годинава се покажува дека нема зима единствено за медицинските струки, како и за компјутерските науки и инженерство, кои ќе бидат барани професии во следните 50 години.
Универзитетските професори не можат да го спречат иселувањето на младите. Ова се проблеми со кои треба да се занимаваат политичарите, односно одговорните за образованието во државата, кои треба да ги детектираат проблемите и да предлагаат и да спроведуваат решенија, но во практика, реално не гледаме дека некој особено се труди да се промени ваквата слика
И на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ по првиот уписен рок нема некое драстично поместување кога станува збор за интересот за упис, напротив, ситуацијата и овде не е сјајна. Најголем интерес има за Медицинскиот факултет, каде што освен домашни, студираат и голем број студенти од Турција, затоа што дипломата им се признава во матичната земја. Професорите велат дека опаѓа бројот на студенти поради иселувањето од населените места во Источна Македонија. Многу семејства заминуваат од државата со своите деца, а дека тоа е така се гледа ако се проанализира состојбата уште во основното образование. Демографите предупредуваат дека, на пример, ако во прво одделение тргнале 1.000 првачиња, од нив во второ продолжиле 500. Тие 500 дечиња во најголем број ја напуштаат државата со нивните родители со што излегуваат надвор од образовниот систем.
Универзитетските професори не можат да го спречат иселувањето на младите. Што да направи професорот, кога за да може тој да ангажира демонстратор, кој ќе работи за 5.000 денари, потребни му се одобрение и потписи од тројца министри? Ова се проблеми со кои треба да се занимаваат политичарите, односно одговорните за образованието во државата, кои треба да ги детектираат проблемите во системот и да предлагаат и да спроведуваат решенија. Иако проблемот не е од вчера, сепак во практика реално не гледаме дека некој што има надлежност, нешто особено се труди да се промени ваквата слика. Дека е тоа така, покажува и третманот на државата кон образованието, но и науката, која е многу важен дел од системот. Професорите предупредија неодамна, особено оние на Институтот по хемија, дека наука денеска практично и не постои. Финансирањето е сведено под минимумот. Нема национални проекти веќе 10 години, иако на институтите основна цел им е да се занимаваат со наука.
Дека никој не се занимава да ја издигне науката на повисоко ниво, покажуваат и бројките. Оваа година за наука од државниот буџет се издвоени 415 милиони денари, а минатата година за истата намена се трошеле 425 милиони денари. Секоја година средствата за наука се намалуваат, што зборува за третманот на државата кон науката. Македонија е една од земјите во регионот во која се трошат најмалку пари за научноистражувачка дејност. За наука се издвојуваат 0,2 отсто од БДП, а во Словенија овој процент е 2,2. Во Србија е 0,7, а во Бугарија 0,8. На факултетите во државата исто така голем проблем е и недостигот од млад кадар, кој не се вработува откако професорите ќе се пензионираат.
Проблемот со празните факултети е комплексен и треба сериозно да се сфати и третира. Универзитетите се мачат да функционираат без студенти. Овде мора да се изјаснат сите ректори, стручните соработници, универзитетските професори, мора да се реагира од повеќе сегменти во општеството за да се промени ваквата слика. Бидејќи ова не е прашање што мачи само еден универзитет туку е проблем на државата. Но и покрај важноста, очигледно е дека во последниве години никој не се оптоварува со решавање на проблемите во високото образование, а ако тоа продолжи, навистина ќе се случи еден ден професорите да нема кому да му предаваат.