Се креира мрачно сценарио за да се стави пречка за Македонија до патот на Европа и северноатланските интеграции кажа Ларис Гајсер во неговото гостување во емисија на италијанското радио „Каподистрија“, за време на кое тој не објави нови информации за случајот „Рекет“, како што претходно беше најавено.
Тој искоментирал и дека политичката кариера на Зоран Заев е завршена, бидејќи според него, македонскиот премиер нема меѓународен кредибилитет.
– Јас мислам дека Заев е проблемот, а не е решението. Ова значи дека Македонија во овој момент, од меѓународна гледна точка има премиер кој прави штета на земјата. Тој треба да се смени што е можно побрзо – истакна новинарот.
Гајсер додава и дека нема никаква поврзаност со унгарскиот премиер Виктор Орбан, ниту со италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, кои ниту не ги познава.
– Слушнав сценарио според кое јас сум продолжена рака на Орбан и на Салвини и дека бараме начини за контрола во Македонија. Ова е чиста измислица! Не вреди ниту да трошам време за да коментирам нешто вакво. Не го познавам ниту Салвини ниту Орбан – вели тој.
Новинарот на „Ла Верита“ посочи и дека ги објавил снимките за да не исчезнат доказите, како и дека „не спиел од страв оти луѓето од снимките ќе негираат
дека тие се на снимките, но истакна дека „сите признале оти се работи за нив“.
Соработникот на италинскиот весник веќе објави аудио-визуелни материјали поврзани со случајот „Рекет“, во три наврати, во кои се слушаа гласовите на бизнисменот Орце Камчев, на Бојан Јовановски познат како Боки 13 и на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.