Турската полиција рано утринава упадна во седиштето на опозициската телевизија „Халк ТВ“ во Истанбул, а управувањето со медиумот беше преземено од државно назначен управител. Директната програма беше прекината, а вработените не можеа да влезат во зградата.
– Стотици полицајци влегоа во зградата. Влезот во просториите на „Халк ТВ“ не е дозволен додека трае претресот – објави телевизијата на својата интернет-страница.
Директниот пренос бил прекинат во 6.30 часот по локално време, по што каналот почнал да емитува претходно снимена програма. Уредникот Суат Токташ се обидел да договори продолжување на емитувањето со делегацијата на новиот управител, но барањето било одбиено, објави Ројтерс.
Главното јавно обвинителство во Истанбул соопшти дека акцијата е дел од истрага против претседателот на „Халк ТВ“, Џафер Махироглу, за наводен поткуп, местење јавни набавки и перење средства стекнати со криминал. Истрагата ја спроведува одделот за финансиски криминал.
Обвинителството издало налози за приведување на 17 осомничени, меѓу кои и Махироглу, а 11 лица досега се приведени. Компаниите поврзани со него се ставени под контрола, додека турскиот Фонд за осигурување на штедните влогови е назначен за управител, пренесуваат Ројтерс и Асошиејтед прес.
Махироглу, кој се наоѓа надвор од Турција и е баран од властите, ги отфрли обвинувањата како неосновани. Тој соопшти дека вработените не можат да влезат во телевизијата и дека раководството повеќе нема контрола врз програмата.
– „Халк ТВ“ му припаѓа на турскиот народ и не може да биде преземена со назначување управител. Ќе си го вратиме каналот – порача Махироглу во видеообраќање објавено на социјалните мрежи.
Здружението на современи новинари од Анкара оцени дека назначувањето управител и прекинувањето на програмата претставуваат сериозна интервенција врз слободата на медиумите и слободата на изразување. Организацијата порача дека со одлуката се загрозуваат уставните права и правото на јавноста да биде информирана, објави Асошиејтед прес.
„Халк ТВ“ е една од најгледаните турски информативни телевизии со критички однос кон власта. Според Ројтерс, таа е петтиот поголем турски медиум ставен под управа на државно назначен управител, по сличните одлуки за „Флеш ТВ“, „Еко Турк“, „Хабертурк“ и „Теле 1“.
Организациите за заштита на човековите права и западните земји подолго време ја критикуваат владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган поради притисоците врз опозицијата и медиумите. Според светскиот индекс на „Репортери без граници“, Турција се наоѓа на 163. место меѓу 180 држави според степенот на слободата на медиумите.
































