Шестмина полициски службеници се повредени, 16 лица се уапсени, а против уште 49 се води кривична постапка по насилните инциденти на вчерашниот протест во Тирана, соопшти албанската полиција.
Протестот почна околу 14 часот пред Министерството за образование, а го организираа студенти и млади луѓе незадоволни од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање, недоволната финансиска поддршка и слабите можности за вработување по дипломирањето, објави Ројтерс.
Демонстрациите прераснаа во судири откако дел од учесниците почнаа да фрлаат камења, бетонски плочи, пиротехнички средства и молотови коктели кон полицајците и зградата на Министерството. Полицијата возврати со солзавец и водени топови за да ја растера толпата, пренесе Ројтерс.
Според соопштението на албанската полиција, во судирите биле повредени шест припадници на Националните безбедносни сили и една новинарка. Сите се надвор од животна опасност.
Во текот на немирите биле оштетени оградата, фасадата и прозорците на Министерството за образование, како и сообраќајни знаци, рекламни табли и друга јавна опрема. Оштетени биле и простории на микрофинансиска институција и стаклената фасада на деловна банка.
Инцидентите подоцна се прошириле и кон зградата на Општина Тирана на улицата „Дед Ѓон Лули“. Според полицијата, демонстранти насилно отвориле една од вратите, по што бил подметнат пожар на првиот кат.
По првичната полициска интервенција биле приведени 23 лица. По извршените проверки и обезбедувањето докази, 16 од нив, на возраст од 23 до 59 години, биле уапсени, додека против уште 49 лица била поведена кривична постапка, објави албанската државна телевизија РТШ.
Осомничените се товарат за повеќе кривични дела, меѓу кои напад врз службено лице при вршење на должноста, нарушување на јавниот ред и мир, незаконско постапување со експлозивни и запаливи материи, оштетување и палење имот, спречување полицаец во извршувањето на службените задачи и недозволено поседување ладно оружје. Дел од нив се осомничени и за кражба од банка или штедилница.
Истрагата се води под раководство на Обвинителството во Тирана. Полицијата продолжува да ги прегледува снимките и другите докази за да утврди дали во насилствата учествувале и други лица.
































