Се отстрануваат последните технички проблеми со апликацијата преку која граѓаните се пријавуваат за вакцинација против сезонски грип, а пријавувањето ќе започне во најкус можен рок, најави денеска министерот за здравство Сашо Клековски при посетата на Клиничката болница во Штип, пренесе МИА.
Клековски се извини до граѓаните поради еднодневното доцнење во однос на претходно најавениот почеток на пријавувањето. Тој посочи дека вакцините се веќе пристигнати, но дека сè уште се работи на надминување на техничките пречки во апликацијата.
„Мој термин“, како што информираше министерот, во изминатите 18 месеци немал договор за одржување, поради што се појавиле проблеми што сега се отстрануваат.
Во однос на дистрибуцијата на вакцините до центрите за јавно здравје, Клековски најави дека таа ќе се реализира во наредните денови.
-Веќе се информирани центрите за јавно здравје. Мислам дека овие денови се завршуваат логистиките, а вакцините ќе бидат дистрибуирани според вообичаената формула на дистрибуција – изјави Клековски.
































