Фото: МФ/Фејсбук

Владата денеска на седница го усвои Дополнетиот предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година, во кој се вградени одредени реалокации меѓу буџетските корисници. Предлогот повторно ќе биде доставен до Собранието, по завршувањето на расправата во матичната Комисија за финансирање и буџет, информираат од Министерството за финансии.

Од Министерството појаснуваат дека со дополнетиот ребаланс се врши прераспределба на средствата меѓу буџетските корисници, со цел усогласување на реализацијата со планираните износи до крајот на годината и обезбедување средства за приоритетни исплати.

Со предложените измени, вкупните приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Вкупните расходи се намалуваат за истиот износ и се планирани на 420,5 милијарди денари.

– Буџетскиот дефицит останува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 3,9 проценти од БДП. Проекцијата за економскиот раст со предложениот ребаланс за 2026 година изнесува 4,3 проценти – наведуваат од Министерството за финансии.

Оттаму додаваат дека предложените измени и дополнувања имаат цел да го усогласат Буџетот со новите економски услови, остварувањата во текот на годината и реалната динамика на реализација на расходите.

По усвојувањето на дополнетиот предлог на Владата, документот повторно ќе се најде пред пратениците на пленарна седница.