Русија не сака и не планира војна со Европа, но доколку европските земји започнат конфликт, одговорот на Москва би бил „поинаков и многу краток“. Ова денеска го изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на Четвртата меѓународна конференција за евроазиска безбедност во Минск, пренесе „Индипендент“.
Лавров оцени дека во моментов нема перспектива за воспоставување реален дијалог со Европа, обвинувајќи го Западот дека се обидува да го прошири своето влијание во источниот дел на Евроазија и на Арктикот.
Според него, Европската Унија формулирала „отворено милитаристичка конфронтациска стратегија“ за Арктикот, објавија руските медиуми.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Лавров рече дека Москва не инсистира на привремен прекин на огнот, туку на трајно решавање на, како што ги нарече, коренските причини за конфликтот.
Меѓу нив ги наведе безбедносните закани за Русија, правата на руското и рускојазичното население, како и, според неговите зборови, искоренувањето на нацистичката идеологија и практики.
Тој оцени дека повиците за прекин на огнот имаат цел да му овозможат на Киев да го обнови својот борбен потенцијал со поддршка од странски партнери.
Плановите на Лондон и Париз за распоредување меѓународни „сили за стабилизација“ во Украина ги оцени како обид за стабилизирање на, како што рече, „отворено нацистички режим“.
Зборувајќи за Блискиот Исток, рускиот министер за надворешни работи истакна дека присуството на воени сили на надворешни актери не гарантира безбедност, туку може дополнително да ги зголеми ризиците.
Лавров се осврна и на рускиот предлог за воспоставување нов систем на колективна безбедност. Според него, Москва не предлага нова трка во вооружување, туку заедничка проценка на безбедносната состојба и воспоставување систем на меѓусебни гаранции.
Четвртата меѓународна конференција за евроазиска безбедност се одржува во Минск на 3 и 4 ноември, со учество на повеќе од 600 претставници од 50 земји.
































