Фото: Нова Македонија

Новоизбраната раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, вели дека притисоците се реалност со која се соочуваат обвинителите, но нагласува дека тие мора да останат отпорни и да одлучуваат исклучиво врз основа на закон, факти и докази.

Одговарајќи на новинарски прашања по рочиштето за случајот против судијата Ѓоко Ристов, Хаџи Василева посочи дека интегритетот е клучен за независното извршување на обвинителската функција.

– Веројатно е природно обвинителската работа, по својата суштина, да трпи некакви притисоци. Наше е како обвинители да бидеме резистентни и да ставаме граница на тие притисоци. Не треба да се плашиме – изјави таа, пренесе МИА.

На прашањето како би постапила доколку биде контактирана од носител на висока државна функција, вклучително и премиерот, Хаџи Василева рече дека соработката меѓу институциите е нормална и потребна, но дека евентуалните интервенции во конкретни предмети се сосема друго прашање.

– Органите и институциите не е ништо спорно да соработуваат и тоа е природно, логично и разумно. Ако мислите на некакви интервенции или ургенции, тоа е веќе друго прашање. Ние сме по Устав самостојни и одлучуваме врз основа на право, факти и докази – нагласи Хаџи Василева.

Таа информираше дека формално ќе ја преземе функцијата по завршувањето на законските процедури, во наредните две недели. По преземањето на функцијата, најави дека ќе се посвети на организациските прашања и на зголемување на ефикасноста на кривичниот прогон.