Со полагањето на свечената заклетва, рускиот претседател вчера го почна четвртиот мандат. И додека дел од домашната јавност му оддава заслуга за враќањето на меѓународниот углед на Русија, голем дел Руси го обвинуваат за бавните економски реформи и сѐ поголемиот јаз во богатството меѓу населението

Рускиот претседател Владимир Путин вчера ја положи свечената заклетва, со што и официјално го почна четвртиот претседателски мандат. Путин, кој на власт е веќе 18 години, порача дека чувствува огромна одговорност пред Русија и многунационалниот руски народ. И додека дел од домашната јавност му оддава заслуга за враќањето на меѓународниот углед на Русија, голем дел Руси го обвинуваат за бавните економски реформи и сѐ поголемиот јаз во богатството меѓу населението. На меѓународен план, пак, Путин често е цел на критиките од Западот, за наводното задушување на демократијата во земјата и непочитувањето на човековите права, пренесуваат светските медиуми.
– Додека стапувам на должноста претседател, особено силна одговорност чувствувам пред нашиот многунационален народ, одговорност пред Русија, пред илјадагодишната историја на нашата земја, нашите предци – истакна Путин.
Тој додаде дека го смета за свој долг и смисла на живот да направи сѐ што може за земјата.

– Русија треба да биде современа и динамична, храбро да ги прифаќа предизвиците на времето и да го јакне своето лидерство во сферите каде што сме традиционално силни. Русија ќе биде силна, а народот ќе живее подобро – вети рускиот претседател и дополни дека историјата не простува едно нешто: рамнодушност и недоследност.
Според него, на Русија ѝ е потребен пробив во сите сфери и дополни дека исчекор ќе може да се направи само со слободно општество.
– Русија научи да ги брани своите интереси и повторно си ја врати гордоста за татковината. Менувајќи се заедно со светот, Русија не смее да ги заборави својата историја, самобитност и единство – заклучи шефот на руската држава во инаугуративниот говор.

Путин вчера и официјално го почна четвртиот претседателски мандат, откако на изборите на 18 март убедливо победи, освојувајќи над 76 отсто од гласовите. Тој ќе остане во Кремљ до 2024 година, кога ќе има 72 години.
Путин, поранешен агент на КГБ, дојде на власт во 2000 година, заменувајќи го Борис Елцин на функцијата претседател на Русија, која тогаш беше нестабилна и економски слаба држава. Голем број сонародници го фалат Путин поради тоа што благодарение на приходите од нафтата, на земјата ѝ донел стабилност и напредок, а други, пак, го критикуваат поради ограничувањето на човековите права и медиумски слободи.
Ројтерс потсетува дека на меѓународната сцена тој се обиде да го обнови руското влијание во светот, ослабено по распаѓањето на Советскиот Сојуз, кое го нарече „најголема геополитичка катастрофа на 20 век“. Во 2014 година влезе во конфликт со западните земји, откако кон Русија го припои украинскиот полуостров Крим, со помош на интервенција на руски специјалци и референдум на кој жителите на Крим се изјаснија дека сакаат да бидат дел од Русија. Украина и Западот референдумот го прогласија за противзаконски.

Светските медиуми оценуваат дека таа операција го зголеми неговиот углед на домашен план, но ја поттикна најголемата криза меѓу Русија и Западот од крајот на Студената војна. Западните земји ја обвинуваат Москва дека воено го поддржува сепаратистичкиот бунт на истокот на Украина, што Кремљ го негира.
Како голем љубител на спортот, рускиот претседател се надева дека со организацијата на годинешното Светско фудбалско првенство, Русија ќе биде прикажана како спортска велесила. Во 2014 година Русија беше организатор на Зимските олимписки игри во Сочи, кои беа најскапи во историјата.


Сигурен избор на Елцин

Кога кон крајот на 1999 година, рускиот претседател Борис Елцин поднесе оставка и го именува за премиер што ќе го наследи, Путин веќе се наметна како прв човек во земјата што ќе ја гарантира безбедноста по неговото заминување. На изборите во 2000 година Путин освои „лесна“ победа, по што следуваше судирот со олигарсите, кои во 1990-тите години се збогатија при матни приватизации. Со оглед на тоа дека според рускиот устав не можеше да служи повеќе од два последователни претседателски мандата, во 2008 година за шеф на државата го постави дотогашниот премиер Дмитриј Медведев, а тој застана на чело на Владата. Кон крајот на 2011 година најави враќање во Кремљ со нов мандат, кој во меѓувреме е продолжен на шест години, што поттикна бран протести во земјата. Но протестното движење ослабна пролетта 2012 година, кога надмоќно победи на претседателските избори. Потоа во парламентот беа донесени закони за кои опозицијата оцени дека ја задушуваат слободата и овозможуваат посилна репресија за каков било облик на протест, пренесува МИА.


„Стратфор“: Зошто Путин го намалува воениот буџет?

Најновите истражувања покажуваат дека рускиот буџет за одбрана е значително намален. Во својот годишен извештај, Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) проценува дека рускиот буџет за одбраната е намален дури за 20 отсто во периодот помеѓу 2016 и 2017 година. Модернизацијата на руската армија ќе продолжи и во 2018 година, но Кремљ сепак ќе мора да направи тежок избор помеѓу приоритетите, наведува американски „Стратфор“.
По намалувањето на воениот буџет во текот на 1990-тите, по распадот на Советскиот Сојуз, Русија, под лидерство на претседателот Владимир Путин, почна со ревитализирање на војската. Па, така, значителните инвестиции подоцна се исплатија, кога земјата ја искористи сѐ пософистицираната и поспособна воена машинерија за операциите во Украина и Сирија.
Но, како што оценува „Стратфор“, во исто време додека Москва ги покажуваше новите воени мускули во Украина и во Сирија, Русија се соочи со двоен удар, предизвикан од пониските цени на енергентите на светско ниво и тешките санкции од САД и американските сојузници на Западот. Како резултат на тоа, руската рецесија од 2014 до 2017 година го принуди Кремљ да донесе тешки финансиски одлуки. Како што покажува најновото истражување на СИПРИ, тоа вклучува и значително намалување во рускиот буџет за одбраната.
Експлозивниот пораст на буџетот за руската армија, кој беше регистриран во изминатите 15 години, во најголем дел е завршен. И иако ќе продолжи модернизацијата на руската армија во една или друга форма, Москва сѐ повеќе ќе мора да го ограничува развојот во клучните области наместо да го засилува. Па, така, Русија најверојатно ќе продолжи да се фокусира на нејзиниот стратегиски нуклеарен арсенал, прецизната муниција и електронското војување. Од друга страна, пак, конвенционалната морнарица најмногу ќе биде погодена од скратувањето на воениот буџет, заклучува „Стратфор“.