Светот е повторно на крстопат, но не меѓу војна и мир, туку помеѓу војна и повеќе војна. Заострувањата на односите на САД со Венецуела и Иран и заканите за „отворени опции“ ја реактуализираа книгата на познатата новинарка и колумнистка Наоми Клајн насловена „Шок-доктрина: подемот на капитализмот на катастрофите“ – вивисекција на бизнисот на новите крстоносни војни за слободни пазари преку употребата на шокови.
Во светлина (или во темнина) на настаните, а по идентитетскиот шок врз татковината, ѝ се навраќам на оваа книга како на задоцнета предупреда од чума, која не познава граници и се шири од темнината на подземјето дури не стане темно и над земјата.
Генезата на книгата е во крвавите корени на проектот на Чикашката школа во Чиле и економската шок-доктрина, која му се припишува на познатиот економист Милтон Фридман. Чикашката школа на Фридман се смета за бастионот на безграничната верба во слободниот пазар и слободата од државна регулација. Синоним на религиозно верување во филозофијата лесе-фер (laissez-faire) и пазарното „свето тројство“: приватизација, дерегулација и намалување на социјалните трошоци. Увереност дека пазарните аномалии се резултат на недоволна слобода на пазарот, а лекот за тешко болните економии се економските шокови, грубо преведени како „приватизирај или умри.“
Ваквата безусловна верба во пазарот бидува широко прифатена од Маргарет Тачер и од Роналд Реган, кои ќе покажат „храброст“ да ги остварат соништата на Фридман за ослободување на пазарите. Промени, кои поради својата радикалност, имаат потреба од инсталирани режими за целосно спроведување. Се разбира, во туѓи држави и на туѓ грб. Економската шок-терапија, имено, ќе послужи како образец за реанимација на економијата по соборувањето на Салвадор Аљенде во Чиле во 1973 година. Рецепт што ќе биде пресликан во соседните држави и три децении подоцна во Ирак – преку шокот на државниот удар, економскиот шок-третман на Милтон Фридман и шок-терапијата на сетилна лишеност од психијатарот Јуен Камерон, кодифицирана како техника за тортура.
Синергијата на овие шокови ќе затворат круг на деструкција и реконструкција по мера на „ослободителот“, почнувајќи на латиноамериканска почва, а завршувајќи на Блискиот Исток. Но она во што ќе се претвори Чиле по економските шокови не е (о)слободен пазар, туку слобода за западните мултинационални компании и корпорациска држава. Всушност сојуз на полициска држава и моќни корпорации, како и триесет години подоцна во Ирак – преобразба на државата во „корпорација Ирак“. Таму, обновата станува форма на модерен грабеж – „шега на која никој не се смее“. Ирачаните ќе поминат низ колективна голгота во која ќе посведочат сквернавење на институциите и бришење на историјата и културата, која по грабежите на музеите буквално бидува изнесена натоварена на камиони, а потоа „компензирана“ со камиони натоварени со евтини апарати за домаќинството, холивудски филмови и брза храна. „Инвазијата врз Ирак го одбележи жестокото враќање на раните техники на крстоносните војни за слободни пазари – употребата на шокот“ пишува Наоми Клајн, а „историјата на современиот слободен пазар – подобро речено, историјата на подемот на корпорациите – е пишувана со шокови.“
Уште една потврда дека „бракот“ меѓу слободниот пазар и демократијата во услови на неограничен и неконтролиран капитализам е поткрепен со најбрутални форми на принуда.
Но каде е Македонија во оваа шок-терапија? Веројатно таму каде што беше и кога почна војната во Ирак во 2003 година – пред влезот на НАТО, но сега со примена (уставна) шок-терапија. Тогаш беше соучесник во „демократизацијата“ преку учество во операцијата „Слобода за Ирак“, а всушност ослободување на Ирак од сопствената контрола на нафтеното производство и нивно предавање под чадорот на западните мултинационални компании. За ова пишуваа не само Наоми Клајн и некои други гласноговорници на совеста низ светот, туку и Билјана Ванковска во своите колумни од тој период. Би сакал да (се) потсетам на нејзиното предупредување што произлегуваше од нашето соучесништво во војната, која беше нелегална и неморална: „Со кое право во иднина ќе се повикуваме на меѓународното право, кога нашите интереси ќе бидат загрозени?“ (27 март, 2003) Да (се) потсетам дека професорката безмалку го погоди и референдумското прашање за аминување на Преспанската спогодба во колумна од 2007 година: „Дали сте за влез на Македонија во НАТО под услов да се откажеме од името, да ја федерализираме државата, учествуваме во воените операции низ светот, и за таа цел да ја издвојуваме сопствени средства?“ Ме плашат ваквите пророштва. Ме плаши оствареното и уште повеќе неоствареното во нив. Македонија „утре“ можеби ќе биде соучесник во „ослободување“ на Венецуела и на Иран, иако распределбата на силите во светот не е иста како за време на инвазијата во Ирак. Нејсе, крстоносниот поход на незаузданиот капитализам продолжува во потрага по нови кризи и катастрофи.
Македонија преживеа(?) идентитетски шок, додека економските шокови се наше секојдневие. Траат предолго за да се именуваат како шок. Посоодветна е состојбата на анабиоза – состојба на привремено суспендиран живот, кога организмот не покажува знаци на живот. Но и способност за латентно преживување или живот по привидна смрт. Тлеење, како огнот на свеќата.
Деновиве протече веста дека во домот „Томе Стефановиќ Сениќ“ учениците и студентите учат на свеќи поради неплатен долг на домот за струја.
Тоа ме потсети на една анегдота од времето на моето студирање, врзана за престојот во студентскиот дом „Стив Наумов“: странска делегација во посета на Скопје, за време на обиколката низ градот се вчудовидува од глетката врз домот, не знаејќи за нејзиниот карактер. На нивно прашање, домаќините (наши политичари), засрамени од вистината, прикриваат дека станува збор за студентски дом, менувајќи го идентитетот на градбата. Измислена од студентите или не, оваа анегдота е повеќе од интересна. Таа, имено е веројатна, со самото постоење на предусловите за неа, а тие се очајни. Не само во тој дом. И не само таму.
Постои мислење дека состојбата на една држава наједноставно се огледа преку состојбата на нејзините затвори и јавните тоалети. Зошто токму овие две? Претпоставувам зашто и затворот и јавниот тоалет претставуваат своевидно чистилиште: едното е колективно и системско, за сите оние што се огрешиле од владеењето на правото, а другото индивидуално и природно, за оние што во даден момент не можат да ја одложат биолошката потреба за празнење. Оттука и практиката во средените држави јавните тоалети да се поставуваат на фреквентни места и на помала оддалеченост. Уреденоста и уредноста (хигиената) на овие простори зборуваат за оној што се грижи за нив, односно за државата. Македонија е на прво место на ранг-листата на Европскиот совет на земји со најлоши услови во затворите, додека јавните тоалети или ги нема или се во толку очајна состојба што е подобро да ги нема.
Кон овие две „чистилишта“ би ја додал и состојбата на студентските домови, како „мрестилишта“ за идниот пазар на трудот.
Во христијанството свеќата е симбол на Христовата светлина со која се растерува темнината во душата на човекот (и светот), и се користи симболично при обреди како свадби, крштевки и помени. Но надвор од верската симболика, свеќата има мал опсег на корисност да осветли, што во реални (студентски) услови, го прави патот до тоалетите во домот мошне долг и мрачен. Во такви домови, со свеќи или без нив, студентите го бараат само излезот од државата.
Ние другите остануваме меѓу шокот и анабиозата. Стануваме чистилиште на западниот хегемон. Со свеќи во рацете сред бел ден како Диоген, барајќи ја чесноста во оние што не заминале.
Авторот е магистер по мир и развој и поет