Шеесет и петгодишен скопјанец загина во сообраќајна несреќа што се случила вчера на патот Крива Паланка – Деве Баир, кај село Кркља.
Според информациите на МВР, несреќата се случила околу 15 часот, а во неа учествувале автомобил „опел корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С.(65) од Скопје и камион „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ј.М.(32) од Крива Паланка.
Во незгодата С.С. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Здравствениот дом-Крива Паланка, каде околу 15.50 часот починал. Сопатничката од истото возило, К.С.(65) од Скопје се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена и задржана во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Крива Паланка.