Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во домашната политичка и експертска јавност не стивнуваат одгласите по посетата на папата Франциск на Македонија. Домашната јавност особено внимателно и напрегнато во секој негов збор ја бараше политичката порака, токму поради сензитивноста на моментот и случувањата со кои се соочи нашата држава. Во едни такви околности пораките од папата беа и различно протолкувани. За едни тие се коректни, со чувство за сензибилитет и реалност, за други, пак, искажаните пораки се брутално сурови и деградирачки за македонскиот народ и држава. Кој е поблиску до вистината?

Првата посета на еден поглавар на Римокатоличката црква во Македонија, (всушност само во Скопје) онаа на папата Франциск, што се случи во вторникот на 7 мај, со оглед на моментот на случувањето, се чини дека неизбежно предизвика различни согледувања во однос на пораките што во своите неколку обраќања на различни средби ги упати папата. Иако во сите претставувања на папата доминантно се нагласува негова улогата на духовен водач и обединител, сепак во двомилениумската историја на христијанската религија секогаш речиси еднакво важен бил и политичкиот поттекст на папската функција и пораките што произлегуваат од таквиот контекст. Можеби не е толку истакнувано, но геополитичка реалност е дека Ватикан е и најмалата (а според многумина и најмоќна) држава на светот, а папата е врховниот државник на таа држава. Токму поради сите тие контексти и поттексти, несомнено е дека посетата на папата на Македонија е од историско значење, но поради мигот преполн со внатрешнополитички премрежиња, интелектуалната јавност во земјава дијаметрално различно ги „прочита“ пораките на папата Франциск.

Додека странските медиуми отворено констатираат дека посетата на папата на земјава претставува знак на прифаќање од западниот свет на реалноста на постоењето на државата Македонија, која неодамна на своето историско име ја додаде географската одредница „северна“, во македонската јавност и понатаму се пласираат сосема спротивставени гледишта за придобивките и значењето на овој несомнено историски момент. Така, пораката што ја испрати папата до Македонија, неколку дена пред посетата, веднаш предизвика реакција кај интелектуалците поради неименувањето на земјата и користењето на заменската форма „вашата земја“, како и неспоменувањето на културното наследство од словенските браќа Кирил и Методиј, што беше споменато во пораката до Бугарија.

– Иако сум деклариран атеист, морам да признаам дека овој папа ми беше многу симпатичен и близок по многу сфаќања – сѐ додека не одлучи да дојде во класична државна посета. Сета негова ексклузивност, различност од другите високи претставници (па и од другите папи), падна во вода кога се заплетка во балканската политика и во дипломатски јазик и политичката коректност на „вашата/нашата земја“. На крајот, ќе излезе дека дошол во мисија на „зацврстување“ на новиот идентитет, зајакнување на позицијата на оваа влада, и во посета на Скопје како град во кој е родена Мајка Тереза, а не како главен град на Македонија – коментира професорката Билјана Ванковска на социјалните мрежи пред доаѓањето во Македонија на папата Франциск.

Во десетте часа што ги мина папата во Скопје, и покрај неговите средби и активности како религиски и духовен водач што се води според хуманистичките принципи, сепак македонската јавност во секој негов збор напрегнато ја бараше политичката порака.
– Папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква, при својата прва, историска посета на Македонија, испрати исклучително значајни политички пораки… Сепак, клучната порака што ни ја упати од мисата на плоштадот „Македонија“ во Скопје, пред околу 15.000 луѓе, беше порака за мир, соживот, поголема љубов кон Бога, а „рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувствителност и со надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг“ – пишува во својата колумна новинарот и уредник Бранко Героски, притоа забележувајќи го сензибилитетот на папата при употребата на новото официјално име на нашата земја.

– Папата многу внимателно ги избра деловите во своите обраќања во кои го употреби новото службено име на нашата земја (Република Северна Македонија), како и деловите во кои употребуваше синоними. Фасцинантно чувство за политичкиот сензибилитет и за реалноста! – констатира Героски.

Сепак, за разлика од претходното толкување за сензитивноста на пораките на папата Франциск што ги упати во Македонија, академик Катица Ќулавкова на социјалните мрежи изразува сосема поинакво согледување на папската посета.

– Само една бегла споредба меѓу пораката на папата Франциск до нашата земја и пораките од блиското минато на претходните папи е доволна за да се види бруталната деградација на македонскиот народ и неговата културна историја и држава – пишува на Твитер, академик Ќулавкова.