Интересите на криумчарите и меѓународна мрежа стојат зад сето она што во изминатите денови се случуваше пред прифатниот центар Диавата во близина на Солун, според министерот за миграциска политика на Грција, Димитрис Вицас, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за грчкото радио „Њуз247“, Вицас истакна дека според неговата проценка е дека зад ова се кријат интереси на криумчари дел од меѓународна мрежа, бидејќи ист обид, но без успех имало и во Грција и во Турција.
– Станува збор за меѓународна мрежа, меѓународни криминални банди. Не говориме за еден човек што ќе земе 10-20-30 луѓе за да ги пренесе преку различни патчиња или преку Еврос или со чамци. Тоа се цели мрежи. Без да го кажувам со сигурност, но го кажувам ова и според моето мислење ќе излезе дека е точно. Барајќи траги на социјалните мрежи ќе најдеме сервер кој може да е од друга европска земја или азиска земја или од земја од друг континент, наведе Вицас и објасни дека криумчарите се од различни земји, а како пример го наведе случајот кога грчката полиција во 2018 уапсила околу 350 криумчари „меѓу кои сите раси од светот“- вели министерот за миграциска политика на Грција, Димитрис Вицас.
Министерот за миграциска политика на Грција, во интервјуто истакнува дека случајот со Диавата заврши за два дена и „би можело да се каже дека заврши на најдобар начин, луѓето се вратија во просторите каде што беа претходно згрижени“.
– Соработуваме со Министерството за цивилна заштита за да видиме коj стои зад ова бидејќи голем број од луѓето беа жртви на дезинформација- министерот за миграциска политика на Грција, Димитрис Вицас.