Иако на државно ниво, владејачката партија освои над 51 отсто од гласовите, поразот во Анкара и најавеното фијаско во Истанбул претставуваат голем удар за Ердоган. Турскиот претседател претходно порача дека од локалните избори зависи опстанокот на државата и на самата Партија на правдата и развојот
Партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е поразена на локалните избори во Анкара, а последните информации говорат дека опозицијата води и во 18-милионскиот Истанбул. Државната изборна комисија потврди дека Екрем Имамоглу, кандидатот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), има тесно водство пред ривалот од Партијата на правда и развој (АКП). Претходно, како што јавуваат турските медиуми, и двата кандидата прогласија победа во Истанбул. На државно ниво, владејачката партија освои над 51 отсто од гласовите, но поразот во Анкара и најавеното фијаско во Истанбул претставуваат голем удар за Ердоган. Турскиот претседател претходно порача дека од локалните избори зависи опстанокот на државата и на неговата партија.
Над 57 милиони лица беа регистрирани за гласањето за градоначалници и советници во вкупно 81 провинција, меѓу кои и 30 метрополи, вклучувајќи ги и Истанбул и Анкара. Според агенцијата Анадолија, одзивот на гласачите е нешто помал од 85 проценти.
И додека во Истанбул разликата е толку мала што и двете партии прогласија победа, владејачката партија ја загуби власта во престолнината Анкара по 25 години. Ердоган и неговата партија победија на сите досегашни избори откога АКП дојде на власт во 2002 година.
Овие локални избори важеа за значаен тест за расположението на гласачите кон Ердоган и неговата партија. Земјата веќе одреден период се наоѓа во економска криза, а турската лира значително загуби на вредноста. За сите овие појави, според Ројтерс, често виновен се смета токму Ердоган. Но и покрај сето ова, и овој пат АКП ќе излезе како целосен победник, бидејќи во сојуз со ултрадесничарската партија МХП, партијата на турскиот претседател освои 56 отсто од градските совети во земјата.
Набљудувачите со критики до агенцијата Анадолија
Набљудувачите на локалните избори во Турција ја критикуваат државната новинска агенција Анадолија, која од полноќ во неделата кон понеделникот повеќе не ги актуализира изборните резултати на својата веб-страница. Тоа, според Би-би-си, дополнително ги разгорува сомнежите во коректноста на објавените резултати.