Во отсуство на објаснување зошто се случиле административните пропусти и зошто министерот не ја почитува препораката на комисијата, можеме само да претпоставиме дека на министерот не му се допаднал списокот со наградени автори, реагираат македонските композитори
Композиторите Јана Андреевска, Андреј Блажевски, Валентина Велковска-Трајановска, Кокан Димушевски, Филип Иванов, Илија Илиевски, Горан Начевски, Ана Пандевска, Бојана Петровиќ, Сони Петровски, Драган Стојковски
Тодор Трајчевски, Благој Цане и Панде Шахов реагираат на соопштението на
Министерството за култура, во кое се известува за поништувањето на Конкурсот за откуп на нови композиции за 2017 година.
– Должни сме да реагираме поради следниве пропусти – соопштението содржи информации, ирелевантни за самото поништување. Цитирани се неколку дела од пропозициите (роковите за поднесување на пријавените дела, но и потребата за поднесување на пријавите под шифри), кои немаат никаква врска со поништувањето на конкурсот. Вметнувањето на овие цитати е пиар-трик на Министерството, со намера да се создаде впечаток дека авторите што се наградени го компромитирале процесот. Соопштението непотребно ја подучува јавноста околу разликата помеѓу објавувањето на одлуките на тричлената комисија (назначена од министерот) и објавувањето на решенијата на министерот. Со ова вербално талкање се создава привид за некаква темелна контрола на процесот и е уште еден пиар-трик, за кој нема место во едно официјално соопштение.
Истовремено, недостига вистинската причина зошто министерот не постапил по препораките на истакнатите професионалци, кои самиот ги назначил како членови на комисијата – пишува во реакцијата на композиторите.
Соопштението, според нив, избегнува да наведе јасно какви се административните пропусти и кој ги направил и со тоа целосно ја промашува својата цел.
– Од најавата за дисциплинските санкции кон вработени во Министерството се наѕира дека пропустите се направени внатре во Министерството. Сепак, одговорен за планирањето, координацијата и квалитетот на работата на Министерството е токму министерот за култура. Од преземањето на должноста на 31.5.2017, министерот имаше време да ја планира и координира работата на Министерството, за веќе по истекувањето на рокот за пријави, на 31.10.2017, да располага со доволно човечки и технички ресурси за да се справи со пријавените дела. Зошто министерот не го направил тоа (а го направил темелно во други сегменти од работата на Министерството)? Соопштението го игнорира фактот дека анонимноста на делата што се наградени во поништениот конкурс е веќе повредена од самото Министерство – реагираат композиторите.
Соопштението, според нив, воопшто не се осврнува на претрпената штета на авторите, чии дела се наградени во поништениот конкурс.
– Министерството не им се обрати ниту да ги извести за доцнењето на процедурата на вреднување, ниту да ја објасни скандалозната пишман-објава, ниту да ги извести за споменатите пропусти. Одговорите дадени на поединци (во различни етапи во текот на долгото исчекување на резултатите) се контрадикторни. Досегашните информации создаваат јасна слика за бесрамно фабрикување причини за оваа груба и арогантна повреда на правата и интегритетот на петнаесет композитори, чија повеќемесечна макотрпна работа е обезвреднета. Во отсуство на објаснување зошто се случиле административните пропусти и зошто Министерот не ја почитува препораката на комисијата, можеме само да претпоставиме дека на министерот не му се допаднал списокот со наградени автори и планира во повторeниот конкурс да се ангажира „административно“, за да се дојде до список што нему му се допаѓа. За таква интервенција, во држави со функционална демократија и воспоставен правен поредок, министерот одговара пред сите релевантни инстанци. Поради очигледниот недостиг од релевантни причини за поништувањето на конкурсот, го повикуваме министерот да ја преиспита одлуката и да ги преземе обврските пропишани во конкурсот – реагираат композиторите.