Каде го наоѓа Владата овластувањето за склучување меѓународен договор за промена на името

Повод за овој текст е најавеното склучување меѓународен (билатерален) договор меѓу Република Македонија и Република Грција, за ново име на Република Македонија, со привремена рамка за имплементација на евентуалното идно решение за името. Притоа, како олеснителна околност во постапката на склучувањето на таквиот договор, која ќе го забрза решавањето на спорот, се наведува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува уставноста на меѓународните договори.

Поаѓајќи од фактот дека Република Македонија е суверена и самостојна држава со свој Устав и закони и имајќи предвид дека прашањето за името на државата е прашање од највисок национален интерес, не може да не се постави прашањето кој во име на Република Македонија може да склучува меѓународни договори, а поврзано со тоа и прашањето кој во име на Република Македонија е овластен да склучи меѓународен договор за промена на името на државата и дали такво овластување е дадено во Уставот или во закон во согласност со Уставот.

Склучувањето меѓународни договори во име на Република Македонија, Уставот го ставил во надлежност на претседателот на државата и во надлежност на Владата, со тоа што овластувањето за претседателот не е условено со претходно определување во закон, додека за Владата такво условување Уставот предвидува. Така, според Уставот, Владата може да склучува меѓународни договори кога тоа е определено со закон (членот 119 ст. 2 од Уставот). Значи, за да може Владата да склучи меѓународен договор во некоја област, тоа мора претходно да биде определено со закон.

Во Законот за Владата на Република Македонија нема одредба што предвидува надлежност на Владата за склучување меѓународни договори, туку закон во кој е определено кога Владата може да склучува меѓународни договори е Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори („Службен весник на РМ“ бр.5/1998).

Како меѓународен договор, во смисла на овој закон, се смета договор што Република Македонија ќе го склучи во писмена форма со една или со повеќе држави или со меѓународни организации, со кој се утврдуваат права и обврски за државата, во согласност со Уставот на Република Македонија и меѓународното право.

Според истиот закон (член 3 став 2), Владата може, во име на Република Македонија, да склучува меѓународни договори со кои се уредуваат прашања од следните области: економија, финансии, наука, култура, образование и спорт, сообраќај и врски, урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, земјоделство, шумарство, водостопанство, здравство, енергетика, правда, труд и социјална политика, човекови права, дипломатско-конзуларни односи, како и од областа на одбраната и безбедноста на државата, освен за прашања во врска со границата на Република Македонија, стапување во сојузи или заедници со други држави или за истапување од такви сојузи и заедници и други меѓународни договори, кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави.

Оваа одредба е наведена во целост за да биде појасно во кои области Владата може да склучува меѓународни договори и за да се види дека во ниту една од наведените области (па ни во областа на безбедноста) не може да се вклучи прашањето за промена на името на Република Македонија. Исто така може да се види дека определувањето на областите во кои Владата може да склучува меѓународни договори во наведената одредба завршува со областа на одбраната и безбедноста и може да се види дека оваа одредба не е отворена за други области што Владата сама би си ги зела во надлежност за склучување меѓународни договори, а ни областите наведени во оваа одредба, а задржани само во надлежност на претседателот не ѝ даваат на Владата овластување да склучува меѓународни договори, по свое слободно наоѓање. Ова, затоа што Уставот бара со закон да биде определено кога Владата може да склучува меѓународни договори.

Бидејќи во Законот за склучување меѓународни договори не е определено Владата да може да склучува договори во врска со државните атрибути меѓу кои е името на државата, се прашуваме: Има ли и кој е тој закон во кој Владата наоѓа овластување да склучи меѓународен договор за промена на името на државата?
Впрочем, како би можело и да се помисли во закон или на друг начин да им се даде овластување на владата или на кој било друг субјект да склучи договор за промена на државното име?
Името на државата, идентитетот, јазикот… не можат да бидат предмет на меѓународен договор и Уставот на Република Македонија не ѝ дава такво овластување на Владата, па не е јасно од каде Владата наоѓа такво овластување.
Па, така, без уставно овластување, без уставна основа и без основа во меѓународното право, Владата на Република Македонија брза, во име на Република Македонија, да склучи меѓународен договор за промена на државното име, а притоа можевме да слушнеме и искажување задоволство што таквиот договор ќе помине само со ратификација, а без уставносудска оцена, затоа што Уставниот суд на Република Македонија немал надлежност да оценува меѓународни договори.

Точно е дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува уставноста на меѓународните договори, но меѓународните договори не се над Уставот на Република Македонија. Тие се дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија само кога се ратификувани во согласност со Уставот, а ратификацијата на меѓународните договори се врши со закон. Во надлежност на Уставниот суд е да одлучува за согласноста на законите со Уставот и Законот за ратификација е закон, а Уставот не ги иззема од оцена на уставноста законите со кои се врши ратификација на меѓународните договори, особено што Уставот бара ратификацијата да биде во согласност со Уставот. (Уставниот суд со Одлука У. бр. 140/2001 од 4.12.2002 година го укина Законот за ратификација на билатералниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција за изградба и управување со нафтовод.)
На крајот, повторно суштинското прашање: Има ли и со кој закон ѝ е дадено овластување на Владата да склучи меѓународен договор за промена на името на Република Македонија?

(Милојка Калкашлиева, судијка во пензија)