Најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, соопшти дека се откажува од едностраното формирање на заедницата на српски општини (ЗСО), што претходно го најави за 20 април.
Ваквата најава следува по средбата во Звечани на претставници на Српската листа со членовите на работната група што ја формира косовската влада, со задача да го подготви статутот на ЗСО.

Претставникот на Српската листа, Игор Симиќ, изјави дека партијата останува отворена за разговори и решенија кога станува збор за формирање на заедницата, во согласност со договорот во Брисел што го постигнаа Белград и Приштина.
– Многумина очекува дека ние ќе тргнеме онака како што Србите често дејствуваат, прво со срцето, а потоа со разумот. Но овој пат ќе дејствуваме со разум, за утре никој да не ги обвинува Србите дека презеле еднострани одлуки. Чекавме пет години, ќе почекаме уште три и пол месеци – изјави Симиќ.

Со сличен став излезе и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека Србија ќе чека работната група да ја заврши својата работа во рок од три и пол месеци и ЗСО да биде формирана во согласност со Бриселскиот договор.
Претходно косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека ултиматумот на Српската листа за еднострано формирање ЗСО нема да има никаков ефект, најавувајќи дека заедницата ќе биде воспоставена врз основа на одлуката на Уставниот суд на Косово.
– Ситуацијата е сменета. Косово е на пат кон подготвување на статутот на ЗСО. Ултиматумот паѓа во вода – рече Харадинај на прес-конференција по денешната седница на неговата влада.