Фото: Пекселс

Дали ве прогонува вашето минато? Како се однесувале вашите родители кон вас?

Злоупотребата на родителите, особено онаа невидливата, често е табу тема за која е забрането да се дискутира или да се изнесе на виделина во нашите општества. Од нас се очекува да прикажеме среќно семејство и совршени односи меѓу членовите. Оние кои зборуваат или ја разоткриваат вистината ризикуваат социјално исклучување, осуда и потсмев. Признанието дека родителите се способни да се однесуваат токсично, манипулативно и нарцисоидно кон своите деца е се уште табу-тема.

Не се сите родители способни да им ги дадат на децата љубовта, грижата и почитта што им се неопходни, а причина може да бидат одредени околности, дисфункции кај самата личност или некоја преживеана траума. Ова важи дури и за најдобронамерните родители, пишува психотерапевтката Ими Ло за „Сајколоџи тудеј“.

За жал, родителите можат да користат наметнување вина, срам или други техники на емоционална манипулација врз своите деца. Можат да го користат своето дете како емотивна патерица и да бараат негова целосна посветеност кон нив. Можат да ја преминат границата со постојано отфрлање, поништување или непочитување на чувствата на своето дете. Можеби го фаворизираат едното од децата пред другите, сеејќи го така семето на семејни конфликти и незадоволство до крајот на нивниот живот. Некои родители можат да вршат притисок врз нивните деца, барајќи од нив да го живеат животот што отсекогаш го посакувале за себе, наметнувајќи ги своите вредности и животни филозофии. Родителите можат вербално да ги злоупотребуваат и своите возрасни деца нарекувајќи ги со имиња, исмејувајќи ги или постојано викајќи по нив. Одредени родители може да ги користат синовите и ќерките за да се искачат на социјалната скала или за постојано да се фалат со успесите на своето потомство. Па сепак, често сме условени да ги чуваме сиве овие семејни тајни, само заради одржување на колективната илузија за компактно и хармонично семејство.

Сè поголем број од нас го препознаваат длабокото влијание кое траумата од детството и родителската злоупотреба може да го имаат врз нашите животи. Злоупотребувањето или занемарувањето во детството може да резултира со потешкотии во менталното здравје, посттрауматско стресно нарушување (ПТСН), депресија, проблеми во емотивните врски и приврзаноста, ниска самодоверба и тешкотии во управувањето со сопствените емоции.

Стравот дека ќе се претвориш во твојот родител

Постои страв кој често останува неискажан, демне во сенките на нашите умови. Тоа е стравот дека еден ден ќе станеме како оние што ни нанесоа зло — нашите сопствени родители. Стравот дека еден ден ќе се претвориме во нашите родители може да биде невиден товар што не спречува да живееме во целост. Секогаш постои тој опасен сомнеж, тој мал глас во нашите глави што ни кажува дека не сме доволно добри за да бидеме родители, дека сме токсични, дека ќе ги повредиме луѓето што ги сакаме. Некаде во аголот на нашите мисли, се прашуваме дали сме проколнати да живееме во маѓепсаниот круг на злоупотреби и трауми.

А сепак, веројатноста дека само затоа што сте имале трауматично минато, ќе станете како вашите родители, во основа не е многу голема. Всушност, растењето во емоционално запоставена средина често може да има и спротивен ефект врз некој кој е природно емотивно сензитивен. Таквите личности стануваат многу одговорни во однос на одржувањето семејната хармонија и задоволување на потребите на сите членови во семејството. Исто така, кај нив има поголема веројатност да бидат сочувствителни кон другите кои исто така страдаат во тишина, бидејќи премногу добро знаат како е да се страда сам, без ничија поддршка.

Кршење на синџирот на меѓугенерациска траума

Доколку сакаме да се ослободиме од стравот дека ќе станеме како нашите родители, прво мора да ја признаеме и прифатиме болката што сме ја доживеале. Секако, може ќе ни биде прилично тешко да се соочиме со вистината, особено ако таа вклучува сознание дека оние што требало да нè сакаат и да нè штитат, всушност биле изворот на нашата болка. Може да почнете со запишување на мислите, верувањата и однесувањата што сте ги наследиле од нив. Кога ќе се фатите себеси како се впуштате во негативни обрасци, направете чекор назад и обидете се да разберете од каде доаѓаат, но бидете нежни, трпеливи и сочувствителни со себе.

Трауматизираноста не настанала поради ваша вина; секогаш кога е можно, разговарајте со себе со истата љубезност и емпатија што би ја понудиле на близок пријател. Исто така, може да се „лекувате“ со наоѓање други позитивни родителски ликови околу себе, т.н. „духовни родители“. Побарајте луѓе во вашиот живот кои ги отелотворуваат квалитетите и однесувањата што сакате да ги негувате. Тие можеби се во ликот на вашиот ментор, пријател или дури и во некој измислен лик.

И на крајот, запомнете – вие не сте вашите родители. Вие сте индивидуа со свои искуства, верувања и вредности. Имате моќ да го прекинете циклусот на злоупотреба и траума и да создадете подобра иднина за себе и вашето семејство, доколку решите да го формирате. Не сте дефинирани од вашето минато или траума, вие имате моќ да создадете нови наследства за себе и за другите. Се разбира, овој процес не е толку лесен и можеби ќе потрае, но верувајте – вреди за вложениот труд.

Подготви: Валбурга Батева Николоска