Фото: Пиксабеј

Руската платеничка група „Вагнер“ често се наоѓа во центарот на вниманието и постојано осамнува на насловните страници, најмногу благодарение на нејзиниот отворен и желен за публицитет шеф Евгениј Пригожин. Но, Русија располага и со други платеници. Голем број богаташи и моќни луѓе поседуваат приватни воени групации. Тие регрутираат избран микс од поранешни специјалци, затвореници, екстремисти, скитници, зависници од адреналин и слични, кои оперираат низ целиот свет и работат на повик, пишува „Евроњус“.

-Елитите сфатија дека имањето приватна воена групација може да им донесе придобивки од Кремљ. Затоа што ако воено придонесете (во Украина), ќе бидете наградени – изјави Антон Шеховцов, директор на Центарот за демократски интегритет.

Човекот лојален на Путин, Рамзан Кадиров, кој ја води Чеченската република, наводно планира да создаде воена групација, која ќе ја контролира паравоената „ТикТок воини“ – озлогласени по тоа што се снимаат себеси како наводно се борат во Украина, иако остануваат сомнежите за тоа колку видеата се вистинити.

Енергетскиот гигант Газпром, исто така, наводно формирал две приватни војски, познати како Факел и Пламја (пламен), кои имаат задача да ги заштитат странските руски имоти на места како Сирија и Украина.

-Тие наводно само ги бранат цевководите, иако ние не знаеме дали е така – вели за „Евроњус“ д-р Стивен Хол, предавач по руска политика на Универзитетот во Бат.

Меѓутоа, воени групации не формира само руската елита. Платеничката група „Православно братство“, поврзана со моќната православна црква, наводно се бори во Украина за да ја заштити христијанска Русија од декадентниот Запад кој, според неа, го киднапираше Киев. Тука беше и ЕНОТ – збирка на изнајмени екстремно десничарски, ултра-националистички наемници, кои се бореа во Украина уште од 2014 година, кога сепаратистите поддржани од Русија тргнаа во борба со оружје на истокот на Украина.

-Ги интересираа само парите – вели Шеховцов, додавајќи дека Кремљ е повеќе од среќен што се ослободи од овие насилни екстремисти, спречувајќи ги да предизвикаат проблеми дома.

ЕНОТ се расформира во 2019 година, а неговиот основач, Игор Леонидович Мангушев – озлогласен националист кој одржа јавен говор држејќи, како што рече, череп на украинскиот борец – беше убиен во февруари од снајперски истрел во окупираната Украина. Шеховцов тврди дека Мангушев најверојатно бил убиен од страна на Русите.

Руските платенички групи се врзани со државата

Иако се нарекуваат себеси независни, Хол тврди дека овие милитантни групи може да постојат само со благослов на Кремљ. Всушност, тие се нелегални според рускиот закон, кој забранува „регрутирање, обука и финансирање“ на платеници.

-Тие секогаш ќе го прават она што го бара државата – изјави Хол, посочувајќи дека многумина се длабоко испреплетени со руските тајни служби.

-Причината зошто групата Вагнер е најголемата [платеничка група] лежи во фактот што таа го има најдоброто спонзорство и не е само финансиски, туку и политички заштитена. ЕНОТ не можеше да најде добра група елити која би ги заштитила, што укажува зошто на крајот згаснасмета Шеховцов.

Според Хол, за Кремљ таквите милитантни сили се многу корисни. Тие ѝ дозволуваат на државата да се занимава со повалкани и помрачни активности, кои потоа може да ги негира, бидејќи од технички аспект, овие платенички групи се приватни. Воедно, платениците се многу помалку контролирани од конвенционалните армии, што им дава поголема слобода да се вклучат во криминално однесување.

За разлика од конвенционалните вооружени сили, платениците помогнаа да се маскираат руските загуби во Украина, бидејќи тие ретко се дел од официјалниот број на жртви. Пример за ова е платеничката група „Патриот“, која на Русија ѝ нуди воена асистенција без никакви обврски. Основана во 2018 година, таа е под контрола на Министерството за одбрана и се состои од многу поранешни припадници на руските специјални сили Спетсназ, кои заработуваат, според руските стандарди, астрономски 5.600 евра месечно. Сепак, тие, како што наведуваат, не добиваат пензии, ниту финансиски надоместоци за повреди.

-Патриот е рускиот воен одговор на „растечката популарност и преговарачка моќ“ на Вагнер, кој е пионер во целото платеничко движење – вели Шеховцов.

Мафијашки групи се борат една со друга

Командувајќи со голем број луѓе и воени ресурси, платеничките групи се стекнуваат со значителна моќ во Русија. Некои се занимаваат со економски активности, како што е рударство во Африка, што само уште повеќе ја зајакнува нивната позиција.

-Додека не ги преминат црвените линии, државата нема проблем со нив и добро ги третира, бидејќи тие ѝ се од корист. Но, ако се мешаат во политичките одлуки на креаторите на политики, можат едноставно да бидат згаснати – објасни Шеховцов.

Тој рече дека Кремљ засега е доволно моќен да ги „реши“ доколку излезат од планираната линија на движење. Сепак, можеби нема секогаш да е така.

-Тоа ќе зависи од текот на војната. Но, со секој воен пораз на бојното поле, руската држава се повеќе ќе губи контрола над овие различни вооружени групи – вели тој.

Иако Путин сè уште има цврста контрола, Шеховцов го наведе примерот со челникот на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој отворено му се спротивставува на Кремљ, сметајќи дека таквото однесување пред една година би било „незамисливо“.

-Лицата во режимот имаат се поголема загриженост за иднината – рече Хол, посочувајќи на критиките од Пригожин и чеченскиот водач Кадиров, насочени кон Путин и војната.

-Со создавањето на овие приватни воени групации, Кремљ си ископа црна дупка. Тие не ѝ должат ништо на државата, затоа што таа не ги плаќа. Ако Путин ја загуби власта, тие ќе бидат како мачки што се борат во вреќа. Сценарио слично на „Игра на тронови“, но со нуклеарно оружје – заклучува Хол.

Подготви: Валбурга Батева Николоска