Јапонскиот милијардер Јусаку Маезава покани осум лица да му се придружат на патување околу Месечината на приватен лет од компанијата „Спејс екс“ на Илон Маск, пренесуваат светските медиуми.

– Сакам да ми се придружат луѓе од различно потекло – вели Маезава во видеото објавено на Твитер, каде што споделил и линк до страницата со повеќе детали за пријавувањето на летот.

Тој рекол дека ќе плати за целото патување, па оние што ќе му се придружат ќе летаат бесплатно. Мисијата, наречена „Дир мун“ е закажана за 2023 година.

Кандидатите мора да исполнат два критериума: тие треба да ја унапредат „секоја активност“ со која се занимаваат за да им „помогнат на други луѓе и на поширокото општество на некој начин“ и да бидат „подготвени да ги поддржат другите членови на екипажот кои имаат слични аспирации“.

– Платив за сите места, па тоа ќе биде приватно патување – додал Маезава.

Тој е моден магнат и колекционер на уметнини кој претходно изјави дека планира да покани „уметници“ на лет со ракетата „Старшип“, но со прилагодениот проект „ќе им се даде можност на луѓето од целиот свет да се приклучат на ова патување“.

– Ако се гледате себеси како уметник, тогаш сте уметник – вели милијардерот.

Маезава минатата година почнал да бара нова девојка со помош на реално шоу, а таа требаше да му се придружи на патувањето. Сепак, тој откажа сè поради „измешани чувства“.

Во 2018 година, Мезава беше прогласен за прв приватен патник што компанијата „Спејс екс“ ќе го испрати на пат околу Месечината. Сумата што Маезава се согласи да ја плати за ова патување не беше откриена, но според Маск станува збор за „огромна сума пари“. Оваа мисија е планирана за 2023 година и ќе биде прво патување на човекот на Месечината по 1972 година.