По двата успешни распродадени настапи на популарниот холивудски актер Никола Ѓуричко, фестивалот „Таксират“ во соработка со „Скопје комеди“ повторно најавува неверојатно шоу во Скопје, овој пат на можеби најпопуларниот ТВ-водител во регионот – харизматичниот Зоран Кесиќ. На 24 април во Филхармонијата, Кесиќ премиерно ќе настапи со неговата приредба „Приказни и песни“, која изминатите шест години има патувано на три континенти со повеќе од 50 изведби.
– Зошто приказни и песни? Затоа што Зоран Кесиќ зборува и пее. Зошто приредба? Затоа што „Приказни и песни“ е малку стенд-ап, малку претстава, малку прес-конференција, малку музички концерт, малку основачко собрание – значи приредба. Зошто е таа неверојатна? Затоа што ниту една претстава не е иста, во целовечерната изведба тој разговара и пее за безброј разновидни теми од политика до медитација. Секоја е обоена според местото на изведбата, моменталниот амбиент и моменталното расположение на изведувачот и секој е единствен настан, кој во таа форма ќе се случи тогаш и никогаш повеќе – стои во најавата.
Зоран Кесиќ е српски комичар, политички коментатор, ТВ-водител и новинар, кој е добро познат во Македонија и во регионот. Тој е автор на популарните хумористични емисии „Озбиљне вести“, „Дезинформатор“, „Фајронт република“ и на политичката сатира и наедно најгледана забавна емисија во Србија, „24 минути“.