Агенцијата за млади и спорт со поддршка на партнерите Мисијата на ОБСЕ во
Скопје, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) продолжува со консултации и јавни дискусии за Националната стратегија за млади 2023-2027, кои ќе се спроведуваат на локално ниво во следните општини: Штип, Битола, Велес, Куманово, Струга, Гостивар, Струмица и Делчево.
На овие консултативни настани се поканети сите заинтересирани млади, претставници на формите на младинско организирање, средношколци, студенти и други групи на млади што сакаат да дадат придонес и да учествуваат во креирањето на новата национална стратегија за млади, која има цел подобрување на социоекономската положба на младите и создавање средина што ќе им овозможи на младите да ги остварат своите права, потреби и интереси. Првата нацрт-верзија на текстот на стратегијата веќе е објавена на ЕНЕР (електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија). На консултациите ќе бидат присутни експертите што работат на подготовка на стратегијата, претставници на институции и меѓународни организации, како и претставници од формите на младинско организирање.