Фото: принтскрин

Јапонската вселенска агенција денеска ја уништи новата ракета H3 неколку минути по лансирањето бидејќи не успеа палењето во втората фаза. Три недели откако лансирањето беше откажано поради посебен проблем, неуспехот на ракетата H3 е удар за јапонската вселенска програма, а можеби и за нејзината програма за откривање проектили.

Ракетата H3 полета денеска од вселенскиот центар Танегашима во јужна Јапонија, одеше по планираната патека, во втората етапа се одвои според планираното, но палењето не успеа, соопшти јапонската вселенска агенција Јакса.

Претставниците на агенцијата се извинија за неуспехот и рекоа дека ја испратиле командата за автоматско уништување 14 минути по полетувањето бидејќи немало надеж дека ракетата ќе ја заврши мисијата.

Официјален претставник на Јакса изјави дека вториот дел од проектилот паднал во морето во близина на источниот брег на Филипините. Тој рече дека ракетата што не можела да влезе во целната орбита додека носи многу гориво била небезбедна и мора да биде уништена.

Нема пријавени повредени или штети од уништувањето на ракетата и паѓањето на остатоците.

Ракетата го носеше сателитот за набљудување на Земјата АЛОС-3 со задача да собира податоци за одговор при катастрофи и мапирање, како и инфрацрвени сензори кои можат да ја следат активноста за време на лансирање ракети.

Ова е втор неуспех за шест месеци откако во октомври не успеа лансирањето на помалата ракета со цврсто гориво од серијата Ипсилон, дизајнирана да лансира научни сателити.

Претседателот на Јакса, Хироши Јамакава, на прес-конференција рече дека сега се анализира што се случило и дека главно е да се врати довербата.

Ракетата H3, првата нова јапонска серија во повеќе од 22 години, беше заеднички развиена од Јакса и Митцуниши по цена од 1,47 милијарди долари како наследник на јапонската ракета H-2A, која се очекува да биде повлечена по претстојното 50-то лансирање.