Домаќини на годинешните „Оскари“ ќе бидат американските актерки и комичарки Реџина Хол, Ејми Шумер и Ванда Сајкс, објави Академијата.
Ова трио ќе го води 94-то доделување на најзначајните филмски награди во холивудскиот театар „Долби“ на 27 март.
Во последните три години церемонијата немаше официјален домаќин.
„Сакаме луѓето да се подготват за добра забава. Помина доста време“, велат Хол, Шумер и Сајкс во изјавата објавена на веб-страницата на „Оскарите“.
По три години без домаќин, тричасовната програма ќе биде поделена на три дела, а секој ќе го води една актерка и ќе се пренесува директно на ТВ-мрежата Еј-би-си.
Продуцент на годинашното доделување е Вил Паркер, а идејата да се ангажираат три водителки е со цел да се привлече поголема гледаност, која последниве години значително опадна.
„Оскарите“ останаа без домаќин во 2019 година кога комичарот Кевин Харт се откажа од оваа задача, откако испливаа неговите стари хомофобични твитови.
Инаку, годинава еден филм ќе добие награда според гласовите токму на корисниците на социјалната мрежа Твитер.