Фото Pyraechmes

Тврдината е изградена од византискиот цар Андроник Трети Палеолог, најверојатно во 1334 година, со промената на византиско-српската граница. Тврдината имала цел да го штити Солун од нападите на српската држава, која била во подем. За време на Византиската граѓанска војна (1341-1347), во 1342 година во Солун избувнал антиаристократскиот бунт на зилотите. По раскажувањето на византискиот цар совладетел и историчар Јован Кантакузин, неговиот близок пријател, управникот на Солун Теодор Синадин пребегнал во утврдениот град Женско заедно со ред благороднички семејства, кои биле вкупно околу 1.000 луѓе. Истата година во Женско пристигал и самиот Јован Кантакузин заедно со двајцата синови Мануил и Матеј и армијата од каталонски наемници на чело со Жоан Пералта

Знаменитостите на Македонија

Средновековната тврдина Женско, односно утврдениот град, се наоѓа во истоименото село Женско, во Кукушко, егејскиот дел на Македонија, денес Република Грција. Се верува дека името го добило затоа што било многу силно утврдување, кое можело да го бранат и жени. Истражувањата покажуваат дека тоа одамна служело како населба, веројатно поради возвишената положба. На јужните и југоисточните падини на ридот се најдени населба и некропола од железното време. Ова наоѓалиште во 1994 година е прогласено за заштитено културно-историско наследство од страна на Република Грција.
Од тврдината Женско денес постојат делови од бедемот, како и ѕидините на Горниот Град, со полукружни и правоаголни кули. Двокатната средишна кула на Горниот Град со двојни цистерни во подрумот е зачувана во релативно добра состојба. Се гледаат и местата на двете порти на Горниот Град – средишната (југоисточна) и една помала. Зачувани се темелите и на други градби, како и еден бунар. Во почетокот на 1913 година селото го посетил бугарскиот археолог и политичар Богдан Филов и за тврдината напишал: „Потоа се качивме на калето, кое се наоѓа на еден стрмен карпест врв на југозапад од селото. Уште се зачувани доста остатоци од ѕидините и највисоката кула. Ѕидините се градени од кршени камења и малтер без ќерамиди. На некои, веројатно подоцнежни места, има и парчиња од тули и ќерамиди. Кулата има пластови од тули во четири реда. Најдолниот кат бил засводен. Добро изгледа стариот пат, кој водел до калето. Бедемот покрај него од внатрешниот ѕид има слепи лакови. На врвот има многу длабок (околу 20 метри) бунар, а под калето има „змиска дупка“: природна триаголна, многу длабока хоризонтална дупка меѓу карпите. Во подножјето на калето на западната страна се наоѓала некрополата: тука се откриени многу гробови со разни старини“.
Тврдината е изградена од византискиот цар Андроник Трети Палеолог, најверојатно во 1334 година, со промената на византиско-српската граница. Тврдината имала цел да го штити Солун од нападите на српската држава, која била во подем. За време на Византиската граѓанска војна (1341-1347), во 1342 година во Солун избувнал антиаристократскиот бунт на зилотите. По раскажувањето на византискиот цар совладетел и историчар Јован Кантакузин, неговиот близок пријател, управникот на Солун Теодор Синадин пребегнал во утврдениот град Женско заедно со ред благороднички семејства, кои биле вкупно околу 1.000 луѓе. Истата година во Женско пристигал и самиот Јован Кантакузин заедно со двајцата синови Мануил и Матеј и армијата од каталонски наемници на чело со Жоан Пералта. Летото таа година Кантакузин склучил договор со српскиот цар Стефан Душан, но и покрај српската поддршка, не успеал да си го поврати Солун и го напуштил Женско, кое во 1443 година било заземено од војводата Алексиј Апокавк, поддржувач на Јован Петти Палеолог во граѓанската војна.

Фото: Pyraechmes

Според историските извори, тврдината пред 1350 година влегла во рамките на Српската средновековна тврдина, а како прв српски управник на силната тврдина е назначен извесен Велко. По смртта на средновековниот цар Стефан Душан и распадот на српското средновековно царство, од 1355 до 1371 година, Женско имало улога на главна тврдина на кнежевството на Богдан. По Маричката битка во 1371 година, тврдината ја покорил солунскиот деспот Мануил Палеолог во име на Византија. Есента 1373 година, и покрај силниот отпор, Женско падналo во рацете на османлискиот војсководец Евренос-бег. Според истакнатиот османлиски историчар и патник Ќатип Челебија (Хаџи Калфа), одбраната ја предводела жена по име Марулија, иако веројатно ја има помешано со историската личност Марула, која раководела со одбраната на Лемнос. Ова, сепак, сведочи за распространетоста на мислењето за женската улога во одбраната што ѝ го дала името на тврдината.

Фото: Le Miroir

Во османлискиот период населбата никната околу тврдината на турски се нарекувала Аврет Хисар, што е превод на името „женска тврдина“, и од 15 до 16 век била седиште на вилает, а потоа и на Авретхисарската (Кукушка) каза. Во 17 век тврдината е напуштена и служела како извор на градежен материјал за жителите на истоименото македонско село Женско во нејзиното подножје. Во Втората балканска војна, при своето настапување, грчката војска го запалила селото, а нејзиното население пребегнало преку границата во Струмица и во Бугарија. Во 1923 година во местото на македонското население грчката држава доселила Грци доведени од Мала Азија. Тие исто така се служеле со тврдината како извор на материјал за изградба на куќите, за која цел биле поставени железни шини дури до Горниот Град.
Во периодот 1984-1993 во тврдината се извршени археолошки ископувања, востановувајќи ги средишната кула и дел од ѕидините. Во 1987 година тврдината е прогласена за заштитено археолошко наоѓалиште од страна на Грција. Д.Ст.