Минатата недела дел од судовите и правните експерти имале стручна дебата околу примената на Законот за облигациони односи, со чии измени од средината на минатата година застаруваат долговите при извршување. Начинот на примена на изменетиот закон ги збуни правните институции и експертите, кои реагираа дека во пракса, ваквото законско решение, создава хаос. Поради ваквата тешка применливост во реалноста, најверојатно ќе се бара правно мислење од Врховен суд, за да има воедначена примена на одредбите од Законот за облигациони односи. Поради овие нејаснотии, експертите од областа на правото, практичари, но и универзитетски професори ќе иницираат јавна дебата.
Ова е втора реакција на правната фела минатата недела, откако и повеќе адвокати и адвокатски канцеларии во државава реагираа дека со измените на Законикот за облигациони односи, со кои застаруваат долговите на голем дел од должниците, се предизвикува директна штета на дел од граѓаните што се јавуваат како доверители, односно тие имаат побарувања од своите должници. Адвокатите наведоа четири најчести случаи каде што граѓаните, поради измените на законот, се оштетени и ќе бидат доведени во опасност да не може да си наплатат побарување. Тоа се:

  • Постапки за т.н. алиментација, односно исполнување обврска на родители за плаќање надомест за издршка на малолетни деца.
  • Постапки во кои во услови на несреќен случај настапува смрт, телесна повреда или оштетување на здравјето.
  • Постапки за остварување на правото на сопственост или сопственички постапки.
    l Постапки од работни односи за исплата на плата и други надоместоци од работен однос.
  • Постапки од должничко-доверителски односи.

Адвокатите и адвокатските канцеларии детално ги образложија сите пет точки и зошто сметаат дека измените на Законот за облигациони односи и застарувањето на извршувањето директно ќе им нанесе штета на дел од граѓаните.

Точка 1 – Наплата на алиментација:

„Во овие случаи, најчесто задолжените родители не постапуваат доброволно во согласност со пресудите и не ги исплаќаат задолжените износи доброволно, при што овие пресуди се многу често предмети на извршни постапки. Специфично за овие пресуди е тоа што со истите тие е предвидено месечно плаќање на износот за издршка, па извршителите ги извршуваат овие пресуди на месечно ниво со наплаќање на месечно задолжениот износ за издршка, при што оваа пресуда може да изискува спроведување на постапката за извршување за многу подолг период од 10 години.“

Точка 2 – Наплата на штета при несреќен случај кога настапува смрт, телесна повреда или оштетување на здравјето:

„Во несреќни случаи што, за жал, ќе доведат до смрт на одредено лице, неговото семејство има право на надомест на штета во форма на парична рента, а во случај на телесна повреда или оштетување на здравјето самиот оштетен има право на надомест на штета како парична рента. Многу често поради настанатите несреќни случаи, физичките или правните лица се задолжени со правосилни и извршни пресуди на оштетените да им ја надоместат штетата како парична рента, односно да плаќаат точно определен месечен износ како парична рента. Доколку не се постапува доброволно по овие пресуди, истите тие се предмет на извршни постапки, при што како што и во самиот член 177 од ЗОО е наведено дека плаќањето на паричната рента може да биде доживотно, повеќе од јасно е дека овие пресуди може и треба да бидат предмет на извршување на неопределен временски период и дека во овие случаи не може да се ограничи извршувањето на рок од 10 години.“

Точка 3 – Неможност за остварување на правото на сопственост или сопственички постапки:

„Во самиот Закон за сопственост и други стварни права е повеќе од јасно прецизирано со повеќе членови дека правото на поднесување тужба заради заштита на правото на сопственост не застарува, односно, поконкретно кажано, правото на остварување заштита на правото на сопственост не застарува. Нагласуваме дека постојат голем број правосилни и извршни пресуди со кои е утврдено постоење на некое сопственичко право или одредена мерка за заштита на правото на сопственост и кои се исто така предмет на извршување.“

Точка 4 – Кога работникот е оштетен од газдата и се водат постапки од работни односи за исплата на плата и други надоместоци од работен однос:

„Имајќи ги предвид лошите економски услови во Република Северна Македонија, многу често се водат постапки од работните односи, и тоа особено постапки за исплата на неисплатени плати и други надоместоци од работниот однос (придонеси, даноци, регрес за годишен одмор и сл.). За жал, иако споровите од работните односи се итни постапки, сепак овие спорови траат долг временски период, а потоа и самото извршување на овие пресуди трае навистина долг временски период.“

Точка 5 – Кога граѓаните меѓусебно имаат должничко -доверителски односи:

„Во согласност со социјалната економска состојба, граѓаните често се принудени да побаруваат заеми, при што склучуваат договори за заеми со кои најчесто е предвидено враќање на долгот на повеќе месечни рати. Поради невратените заеми, граѓаните водат судски постапки што завршуваат во нивна корист, односно овие постапки најчесто завршуваат со правосилни и извршни постапки со кои должникот е задолжен да ги врати позајмените средства зголемени со камата. За жал, овие спорови траат долг временски период, а потоа и самото извршување на овие пресуди трае навистина долг временски период.“

Инаку, измените на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување беа оспорени пред Уставниот суд од страна на граѓани, компании и стопански комори, при што на седницата на 10.1.2024, судот, со надгласување, донесе одлука дека измените се во согласност со највисокиот законски акт во државава, Уставот.
Прв куриозитет е што измените на двата закона што поминаа во Собранието во јули 2023 година, а беа по предлог од група пратеници меѓу кои и од владејачките партии СДСМ и ДУИ, се случија откако Владата им препорача да не се усвојуваат бидејќи на владина седница на 4.7.2023 година беше донесено мислење дека измените ќе создадат правна несигурност. Ова мислење беше доставено до Собранието на 10 јули 2023, но не беше земено предвид при гласањето на 18.7.2023 година.
Втор куриозитет е што пред да ја донесе одлуката Уставниот суд, од оваа институција било побарано мислење од Владата дали има аргументи за или против измените, при што како што нѐ информираа од прес-службата на извршната власт, иако почнала постапка за да се донесе мислење и да се достави до судот, таа никогаш не била довршена. Еве што ни одговорија на 17.1.2024 од Владата.
„Во однос на Вашето прашање Ве информираме дека по повод Иницијативите доставени од група на граѓани и неколку комори во однос на поведувањето на постапката за оценување на уставноста и законитоста на Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и на Законот за извршување пред Уставниот суд информираме дека истите биле разгледувани на Осумдесет и трета седница на генералниот колегиум на државните секретари, одржана на 27 септември 2023 година.
Иницијативите се одложени од разгледување поради потребата Министерството за правда до Владата да достави заедничко мислење во соработка со Секретаријатот за законодавство.
Во однос на Иницијативите мислење има доставено само Министерството за финансии. Иницијативите не се повторно разгледани на Влада.“
Со одлуката на Уставниот суд, според неофицијалните процени, дефинитивно застаруваат околу 350.000 предмети, кои до 2013 година се дадени на извршување од страна на компаниите, но и на граѓаните.

Автор: Горан Теменугов

(Пари.ком.мк)