Фото: Пиксабеј

ЖЕНСКО ЗДРАВЈЕ

Како да се забремени е прашање за многу парови во последниве години, бидејќи сѐ повеќе жени и мажи имаат проблем со стерилитетот. Доколку сакате да забремените, но не успевате во тоа, ви откриваме природни начини на кои можете да ја подобрите вашата плодност. Ниту една жена не може објективно да знае дали ќе има проблеми со зачнувањето додека не се обиде да забремени. Доколку сте помлади од 35 години, а повеќе од една година неуспешно се обидувате да останете бремени, тогаш обратете се кај вашиот гинеколог за да може навреме да дијагностицира евентуален проблем и да ве упати на понатамошно лекување. Ако имате 35 години или повеќе, треба да дејствувате побрзо – контактирајте со експерти веќе по половина година неуспешни обиди да забремените.
Додека се обидувате да забремените, вие, како и вашиот партнер, мора да ги промените начинот на живот и исхраната, бидејќи е докажано дека одредени намирници позитивно влијаат на плодноста.
1. Овулација: Пред сè, внимавајте на тоа кога се вашите плодни денови. Запишувајте го секој период во календарот. Тоа ќе ви помогне да ги откриете деновите на овулација. Погрижете се да водите љубов во тие денови, за да имате поголеми шанси да забремените. Не дозволувајте на љубовниот живот да ви пречат брзиот начин на живот, стресот и секојдневните обврски. Ако сакате да забремените, погрижете се да имате здрав љубовен живот.
2. Стрес: Стресот е еден од главните фактори што влијаат на плодноста кај жените, па затоа е многу важно да се ослободите од него или барем да го намалите. Можете да го елиминирате на различни начини, меѓу кои е и вежбањето јога. Бидете редовно физички активни за да останете здрави, а имајте на ум дека умереното вежбање може да ви помогне побрзо да забремените.
3. Вишок килограми: Физичката активност и правилната исхрана се клучни фактори за полесна бременост, бидејќи вишокот килограми ги намалуваат шансите за зачнување. Затоа, доколку планирате да имате деца, внимавајте на вашата тежина и обидете се да одржувате соодветна тежина, но задолжително консултирајте се со вашиот лекар пред да почнете некоја диета.
4. Навики во исхраната: За да ја подобрите вашата плодност, треба да вклучите здрава и хранлива храна. Исто така, обидете се да не се прејадувате и да јадете од четири до шест пати на ден, помали порции. Пијте доволно течности (по можност обична вода) и изберете готвена храна наместо пржена или ладна. Избегнувајте храна полна со пестициди и хербициди, како и алкохол, и не заборавајте дека е многу важно да се откажете од пушењето.