Студиото „Ворнер Брос пикчрс“ го објави долгоочекуваниот трејлер за филмот „Елвис“, на австралискиот режисер Баз Лурман. Во оваа биографска музичка драма за Елвис Присли, кралот на рокенролот го игра Остин Батлер, додека неговиот менаџер, полковникот Том Паркер, го игра двократниот оскаровец Том Хенкс.
Заплетот на филмот е фокусиран на музиката и животот на познатиот пејач, но и на односот што тој го имал со својот ментор во текот на дводецениската успешна соработка. Филмот ќе ги прикаже и големите општествени, политички и културни промени низ кои поминаа САД во времето кога Елвис ја стекна својата огромна популарност во оваа земја. Своето место во оваа биографска филмска приказна го најде и Присила Присли, сопругата на Елвис од 1967 до 1973 година и една од највлијателните личности во неговиот живот.
Датумот на прикажување на филмот неколкупати беше одложуван поради пандемијата на коронавирусот, а според последните информации, конечно, ќе се случи на 24 јуни годинава.