Фото: Пекселс

Миењето на овошјето и зеленчукот под проточна вода останува основната препорака за отстранување нечистотии и дел од остатоците од пестициди. Но, многумина дома користат и сода бикарбона или оцет, верувајќи дека така храната се чисти подобро. Научните истражувања покажуваат дека и двете можат да помогнат, но нивниот ефект не е ист за сите пестициди и сите видови производи.

Нов преглед на истражувања објавен во 2026 година во научното списание „Фронтиерс ин енвајронментал хелт“ (Frontiers in Environmental Health) покажува дека додавањето сода бикарбона, оцет или оцетна киселина во многу случаи доведувало до поголемо намалување на пестицидните остатоци отколку миењето само со вода. Сепак, авторите нагласуваат дека резултатите многу зависат од видот на пестицидот, овошјето или зеленчукот и начинот на миење.

Една од најпознатите студии, објавена во „Џурнал оф агрикулчурал енд фуд кемистри“ (Journal of Agricultural and Food Chemistry), покажала дека раствор со сода бикарбона бил поефикасен од обична вода во отстранувањето на два тестирани пестициди од површината на јаболката. Но, ниту содата не можела целосно да ги отстрани остатоците што веќе навлегле под кората.

Оцетот исто така може да помогне кај дел од површинските остатоци. Во текст на „Симпли рецепис“ (Simply Recipes), експерти за безбедност на храната посочуваат дека во некои анализи сода бикарбона и оцет намалувале повеќе пестицидни остатоци отколку водата, но ниту еден метод не ги отстранува сите пестициди.

За секојдневно миење, американската Управа за храна и лекови (FDA) и понатаму препорачува овошјето и зеленчукот добро да се исплакнат под проточна вода, а производите со поцврста кора да се истријат со рака или со чиста четка. Не се препорачува употреба на сапун, детергент или комерцијални средства за миење овошје и зеленчук.

Најважно е да се знае дека ниту сода бикарбона ниту оцет не можат да ги отстранат сите пестициди. Ако одредена супстанција навлегла во самото ткиво на плодот, површинското миење има ограничен ефект. Затоа доброто миење може да ја намали изложеноста, но не може да гарантира целосно отстранување на сите остатоци.