Фото: Пиксабеј

Новото истражување на Универзитетскиот колеџ во Лондон покажа дека луѓето што редовно спијат помалку од пет часа имаат ризик да развијат депресија.
Експертите порано мислеа дека лошиот сон е симптом на лошо ментално здравје, но сега велат дека тоа е нешто друго. Д-р Одеса Хамилтон вели дека откриле дека краткото спиење веројатно им претходи на симптомите на депресија, а не обратно.
Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон користеле генетски и здравствени податоци од 7.146 лица во Велика Британија и посочиле генетски варијанти што покажуваат дали учесниците се склони кон депресија или краток сон. Луѓето што спиеле помалку имале поголема веројатност да се чувствуваат депресивно или осамено во следните четири до 12 години поради нивните гени, пишува „Сан“.
Но лицата со поголем ризик од депресија не спиеле помалку. Учесниците што не биле генетски предиспонирани за краток сон сепак имале двојно поголема веројатност да страдаат од депресија ако често спијат пет часа или помалку секоја вечер. Во меѓувреме, оние со депресија имале една третина поголема веројатност да спијат малку.
Студијата исто така открила поврзаност помеѓу предолгото спиење и депресијата. Луѓето што спиеле повеќе од девет часа имале 1,5 пати поголема веројатност да бидат депресивни од оние што спиеле седум часа.
Оние учесници во студијата што имале околу 65 години спиеле околу седум часа навечер. Експертите препорачуваат да спиете помеѓу седум и девет часа. Околу 10 проценти спиеле помалку од пет часа навечер на почетокот на истражувањето, што на крајот се зголемило на 15 проценти. Бројот на заболени од депресија се зголемил од 8,75 на 11,5 отсто.
Професорот Ендрју Степто рече дека лошиот сон и депресијата се зголемуваат со возраста, а со стареењето на населението низ светот се зголемува потребата подобро да се разбере врската помеѓу депресијата и лишувањето од сон.
Претходните истражувања покажаа дека времетраењето на спиењето и депресијата делумно се пренесуваат од генерација на генерација. Се смета дека депресијата е околу 35 проценти наследна, додека гените се одговорни за 40 проценти.