Клубот „Брејк а лег“ идната година, од 8 до 17 октомври, ќе го организира Светското првенство во хипхоп и стрит денс-шоу, кое ќе се одржи во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Основачот на студиото, Трајче Петковски, го потпиша договорот за организирање на Светското првенство на прес-конференцијата на Светската танцова организација (ИДО), која се одржа во Полска, во присуство на претседателот на ИДО, Велибор Срдич, организаторите Ана Бијали и Валдемар Кречко.
Петковски истакна дека повеќе од 4.500 натпреварувачи од над 30 земји од пет континенти ќе се натпреваруваат во дисциплините хипхоп и стрит денс-шоу во повеќе возрасни категории.
– Светското првенство е одлична можност за промовирање на македонската култура, уметност и традиција, но и потврда дека во Македонија има квалитетни танчари со неверојатни вештини и страст за танц. Упатувам голема благодарност до Светската танцова организација, која искрено го препозна нашиот долгогодишен труд, но и заложба за развивање на модерните танци во земјата. Се гордеам што в година ќе бидеме организатори на овој важен настан и ветувам дека ќе понудиме одлична програма, која ќе го привлече вниманието на љубителите на танцот и на сите граѓани – рече Петковски.
Во своето 15-годишно постоење „Брејк а лег“ има освоено многубројни награди на меѓународни натпревари. Во 2016 година беа светски вицешампион, една година подоцна европски шампион и во периодот од 2010 до 2023 секоја година се финалисти на Светското првенство.