Фото: Пиксабеј

Поради големото количество стрес на работа, брзото темпо и бројот на обврски, сѐ повеќе луѓе земаат боледување за да ја заштитат својата психичка состојба. Напнатоста, големото количество нервоза и внатрешен немир може да доведат до сериозно оштетување и на физичкото и на психичкото здравје на поединецот. Младите добро го знаат тоа. Поконкретно, како што генерацијата зед влезе на пазарот на трудот, се појавија некои нови барања до работодавците. Истражувањата покажаа дека 82 отсто од младите вработени што ѝ припаѓаат на генерацијата зед (Z) сакаат да имаат т.н. слободен ден за ментално здравје. Тоа е ден во кој вработениот може да земе слободен ден кога се чувствува вознемирено или депресивно, без да му се одземе ден од годишниот одмор.
Интензивната акумулација на стрес може да предизвика синдром на прегорување, попознат како исцрпеност. Станува збор за дијагностичка состојба што пред неколку години беше признаена како медицинска дијагноза од страна на Светската здравствена организација. Таа се манифестира со постепено намалување на продуктивноста на работа, што е поттикнато од прекумерна работа и големи количества на стрес. Со оглед на забрзаното темпо на живот, многу психолози ја нарекуваат исцрпеноста болест на денешницата, која во голема мера се разликува од класичниот стрес.
Желбата за зачувување на менталното здравје не е мода, сметаат некои психолози и ги поздравуваат сѐ почестите барања на генерацијата зед за слободен ден поради нарушена психичка состојба. Други, пак, сметаат дека станува збор за каприц на помладата генерација.