Концертот не случајно носи наслов „Сила“, затоа што сите композиции, ако може да им се даде една генерална оцена, се фокусирани на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата што и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Сила“ денеска, во 20 часот, на кој како солисти ќе настапат Пачо Флорес (Венецуела) на труба, Лео Рондон на венецуелска гитара (Венецуела), а диригент е маестро Мануел Хернандез–Силва (Венецуела/Шпанија).
Концертот не случајно носи наслов „Сила“, затоа што сите композиции, ако може да им се даде една генерална оцена, се фокусирани на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата што и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената.
Почнувајќи од симфонискиот став „Музи и здив“, чиј автор е солистот на труба Пачо Флорес. Ставот е посветен на врвниот Астор Пјацола, аргентинскиот композитор што го донесе на свет „танго нуево“ и во кој се чувствува неговото силно влијание, особено во оркестарските делници. „Приказни за цвеќиња и танго“ е композиција на Даниел Фрајберг, еден од новите водечки композиторски имиња, и „Симфонискиот сјај на Маргарита“ на композиторот Иносенте Хозе Карењо, негово најпознато дело во кое се содржани многу влијанија од народната музика од северниот брег на Венецуела, поточно од островот Маргарита.
Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „ЈунгерКунстлер“, која ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена. Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара“ и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини. Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде што посветено едуцира млади диригенти.

Трубачот Пачо Флорес критиката го оценува како еден од најатрактивните уметници денес, кој е фокусиран на промоција на современата музика. Првите награди што ги освоил на најпознатиот меѓународен натпревар за труба во светот „Морис Андре“, како и на „Филип Џонс“, ја потврдуваат неговата висока репутација во светот на музиката. Уште за време на неговите студии во Оркестарот за млади и деца во Венецуела, Флорес добил врвно признание за неговите интерпретации како солист, способен еднакво да управува со класичните и со популарните жанрови. На своите магични изведби, тој им додава огромна доза енергија обоена со најубавите инструментални бои. Како солист настапувал со Филхармонијата на Киев, Камерата од Санкт Петербург, со оркестри во Париз, Токио, Осака, Германија, секако во неговата родна Венецуела, рецитални настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк, во „Плејел“ во Париз или „Опера сити“ во Токио.
Лео Рондон е познат интерпретатор на венецуелска куатро-гитара, аранжер и продуцент на квартетот „Авила“, на Венецуелскиот музички квартет, како и на ансамблот „Л’Арпеџата“, покрај неговиот соло-проект едноставно насловен „Лео Рондон“. Добитник е на значајни награди во Венецуела и Колумбија како изведувач на куатро-гитара, а настапува на престижни фестивали во Венецуела, Колумбија, Португалија, Шпанија, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Швајцарија, Мароко…, во разни ансамбли и со разновидни уметници. С.Ј.