Победничката претстава на фестивалот МОТ 2023, прогласена за најдобра претстава во селекција на независна продукција со награда „БИШ“, „Кенди“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, утревечер ќе биде изведена на малата сцена во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 20 часот.
Претставата е работена по романот на Лук Дејвис и по авторски материјали од ХОПС – опции за здрав живот – Скопје, ова е продукција на независниот театар „Златен Елец“, играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска.
– Оваа претстава ја одликува големата храброст и ангажман да ги отворат современите болести на младите во време на социјална, политичка и општествена неизвесност. Автентичноста во режисерскиот и во актерскиот израз зборува за застрашувачките последици од наркозависноста, но и од тензичноста на едно време каде што семејните и социјални дисторзии се меѓу најголемите причини за исчекорувањето на младата популација од реалниот свет и нејзиното заминување во пеколот на наркоманијата. Кога сме кај имагинативноста, една од карактеристиките на оваа претстава е токму широката режисерска имагинативност на Тамара Стојановска, но и длабочината на актерскиот израз на Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, два неодминливи сегмента и конечно најважни за да се долови една ужасна појава која, за жал, сѐ уште ја има во нашата социјална и општествена стварност – се вели во образложението за наградата.
Минатата година, претставата ја освои и наградата „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино, за актерите Бобан и Лео, за најдобра партнерска игра. Во Драмскиот театар, ова ќе биде осма изведба на претставата и првпат по завршувањето на фестивалот МОТ, изведби ќе има и во Скопје и низ државата, но и надвор од границите на Македонија.