Фото: Пиксабеј

Стресот е природна човечка реакција што нè поттикнува да се соочиме со предизвиците и заканите и може да се дефинира како состојба на загриженост или психолошка напнатост предизвикана од тешка ситуација. Секој доживува стрес до одреден степен, но она што нѐ прави различни е како реагираме на стресот. Експертите од Светската здравствена организација велат дека стресот во помали количества може да ни помогне во извршувањето на секојдневните активности, но дека преголем стрес може да предизвика сериозни здравствени проблеми.
Стресот може да дојде со низа емоции, вклучувајќи анксиозност и раздразливост, и да ја наруши нашата способност да се концентрираме. Можеме да почувствуваме главоболка или други болки во телото, стомачни проблеми или проблеми со спиењето. Може да откриеме и дека го губиме апетитот или јадеме повеќе од вообичаено. Хроничниот стрес може да ги влоши постојните здравствени проблеми и да влијае на зголемена употреба на алкохол, тутун и други опојни средства. Техниките за релаксација може да имаат многу придобивки, како што се: забавување на отчукувањата на срцето, намалување на крвниот притисок, забавување на стапката на дишење, подобрување на варењето, контрола на шеќерот во крвта, намалување на активноста на хормонот на стресот, зголемување на протокот на крв во главните мускули, намалување на мускулната тензија и хронична болка, подобрување на фокусот и расположението, подобрување на квалитетот на сонот, намалување на заморот, намалување на гневот и фрустрацијата. Имајќи го на ум горенаведеното, издвојуваме брзи методи за релаксација одобрени од науката.

1. Медитација: Практикувањето медитација го намалува воспалителниот одговор предизвикан од стресот. Понатаму, истражувањата покажаа дека медитацијата може да ги подобри симптомите на состојби поврзани со стрес, вклучувајќи и синдром на нервозно дебело црево, посттрауматско стресно нарушување и фибромијалгија.

2. Техники за длабоко дишење: Техниките за дишење се исклучително корисни бидејќи можете да ги правите секаде и во секое време. Сè што треба да направите е да одвоите пет минути и да се фокусирате на дишењето. Студијата покажа дека поединците што практикувале техники на дишење доживеале значително подобрување на анксиозноста, депресијата и на стресот во споредба со контролната група што не ги практикувала овие вежби. Постојат различни методи на дишење, како што се техниката на дишење 7/11, квадратно дишење или алтернативно дишење со ноздра, кои можат да ви помогнат да го ослободите стресот и да ги вратите умот и телото во рамнотежа.

3. Ментално скенирање на телото: Менталното скенирање на сопственото тело ни помага да станеме свесни во кои делови од телото држиме тензија (затегнување на вилицата или рамениците), како тоа влијае на нас, но и да се ослободиме од стресот. Сè што треба да направите е да се чувствувате удобно или да легнете на грб и да го скенирате телото од прстите до скалпот. Додека се движите низ секој дел од вашето тело, забележете како се чувствувате физички. Истражувањата покажаа дека секојдневната вежба на скенирање на телото може да го намали нивото на ментален и физички стрес.

4. Слушање музика
Интуитивното чувство дека меките тонови на смирувачка музика ни помагаат да се опуштиме е сè повеќе поддржано од многу студии што покажуваат дека музиката има значителна моќ да помогне во намалувањето на стресот и анксиозноста, да ја ублажи болката и да го подобри фокусот меѓу многу други придобивки. Анализата на низа истражувања за ефектите од слушањето музика врз стресот сугерира дека слушањето музика може да ги намали срцевиот ритам и нивото на кортизол, го ослободува хормонот на среќата, ендорфин, и го подобрува чувството на благосостојба.

5. Ароматерапија: Ставете неколку капки есенцијално масло од портокал во дифузер и уживајте во мирисот на цитрус, бидејќи може да го намали нивото на стрес и анксиозност и да го подобри вашето расположение. Кога сакате да се опуштите, изберете нероли или етерични масла од сладок портокал. Имено, студиите покажале дека мирисот на нероли ги намалува симптомите на анксиозност, го подобрува расположението и создава чувство на удобност. Многу сличен ефект има и мирисот на есенцијалното масло од сладок портокал, кој помага при несоница, анксиозност и немир.

6. Техника 5-4-3-2-1: Анксиозноста е нешто што повеќето луѓе го доживеале барем еднаш во животот. Јавни настапи, нови деловни обврски или интервју за работа се само некои од ситуациите што може да предизвикаат стрес дури и кај најмирните луѓе. Техниката 5-4-3-2-1 функционира со вклучување на сите пет сетила. Пред да започнете, внимавајте на дишењето. Бавните, длабоки, долги вдишувања можат да ви помогнат да одржите чувство на смиреност или да ви помогнат да се вратите во помирна состојба. За да го постигнете тоа, обидете се со едноставна вежба за длабоко дишење 5-5-5, која вклучува вдишување 5 секунди, задржување на здивот 5 секунди, а потоа издишување 5 секунди. Повторете ја вежбата неколкупати.